На денешната седница на Владата донесе oдлуката за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Македонија заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти.
Постоењето на кризната состојба утврдена со оваа одлука ќе трае 30 дена од денот на нејзиното влегување во сила, односно од 2 јули, а со тоа се активира и Главниот штаб при Центарот за управување со кризи кој ќе биде во постојано заседавање.
„Со оваа одлука Владата го задолжи Главниот штаб при Центарот за управување со кризи да изготви акциски план за превенција и справување со влезот и транзитирањето на мигрантите низ територијата на земјава, како и целосен преглед за расположливи човечки и материјално – технички ресурси и план за координирано дејствување, а органите на државната управа да преземат мерки и активности согласно прописите за управување со кризи.
На предлог на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата во врска со Предлог – национален план за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски и членови на нивните семејства (жени и деца), и даде согласност на Националниот план“, соопшти Владата.