Австралија, се уште не е на листата на земјите до кои од Македонија може да се испратат пратки по Пошта. Ова е голем проблем за граѓаните имајќи ја предвид бројноста на нашинци кои живеат таму.
Од друга страна пак, од Пошта велат дека нема прекин во доставувањето на пратки од меѓународниот поштенски сообраќај, односно сите пратки кои пристигнуваат во државата се доставуваат до крајните корисници односно примачи.
Последно известување од Пошта во врска со меѓународното поштенско работење е објавено на 14 август, а од таму препорачуваат постојано да се следи нивната листа на земји со кои е овозможено поштенско работење.
„Ги повикуваме сите корисници пред испраќање на поштенски пратки во меѓународен поштенски сообраќај да го проверат редовно ажурираниот попис на држави за кои може да се испраќаат поштенски пратки.
Напоменуваме дека, заради актуелната ситуација со Ковид-19 вирусот, авиокомпаниите преку кои се транспортираат поштенските пратки вршат промени на летовите на дневна основа. Со оглед на тоа, а и заради редуцираниот број на летови, очекувани се поголеми задоцнувања во транспортот,“ се вели во последното соопштение на Пошта.
За сега, земјите со кои Македонија има меѓународен поштенски сообраќај се: Австрија, Албанија, Англија, Аргентина, Белгија, БиХ, Бразил, Бугарија, Германија, Грција, Данска, Естонија, Индија, Италија, Израел, Ирска, Јапонија, Канада, Кина, Кореа, Косово, Латвија, Литванија, Молдавија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Русија,САД, Сингапур, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Финска, Франција, Холандија, Хонг Конг, Хрватска, Црна Гора, Чешка Република, Швајцарија, Шведска, Шпанија.
Оваа листа на земји е ажурирана на 6 август.
Ажурираната листа на земји може да се следи ОВДЕ.