еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК

Прекинат Самитот на ЕУ, лидерите неможат да се договорат кој ќе ја води Унијата

Лидерите на 28-те земји членки на ЕУ не успеаја да постигнат компромис за водечките позиции во институциите на Унијата, поради што по 18-часовни разговори го прекинаа Самитот започнат синоќа и неговото продолжение претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск го закажаа за утре во 11 часот.

Самитот започна синоќа и по маратонските преговори што во различни формати траеја цела ноќ, продолжи утрово со работен појадок.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, земјите членки мораат да постигнат договор најдоцна до утре попладне или среда, кога се одржува конститутивната седница на новиот Европски Парламент во Стразбур, на која треба да бидат потврдени номинациите.

Претседателот на претходниот состав на Европскиот парламент, Антонио Тајани најави дека без разлика на исходот од заседанието на Европскиот совет, Европарламентот ќе одржи седница в среда на која ќе го избере својот нов прв човек.

Последната информација која пристигна до медиумите пред да заврши денешниот Самит е дека се разгледува опцијата за претседател на Европската Комисија да биде назначен социјалдемократот Франс Тимерманс, претседателка на Европскиот совет да биде Бугарката Кристалина Георгиева, за висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност биле прифатливи сегашниот белгиски премиер, Шарл Мишел или комесарката за конкурентност, Данката Маргарет Вестагер, додека Германецот Манфред Вебер од Европската народна партија (ЕПП) и белгискиот либерал Ги Верхофстат би го делеле претседавањето со Европскиот Парламент, по две години и половина секој.

Иако Манфред Вебер требаше да биде назначен за претседател на ЕК согласно процесот на „водечки кандидат“, бидејќи неговата партија победи на европските избори во апсолутни бројки, неговата кандидатура беше неприфатлива за низа земји членки, на чело со Франција, која смета дека процесот нема легитимитет без транснационални изборни листи.

Противниците на Вебер сметаат и дека ЕПП не треба автоматски да ја добие оваа функција со оглед на тоа што изгуби значаен број седишта во Парламентот во корист на либералите и на зелените на изборите, а има само едно седиште повеќе од социјалистите и од либералите во Советот на ЕУ, телото каде се застапени земјите членки на ЕУ.

Според дипломатски извори, германската канцеларка Ангела Меркел прифатила да направи отстапка во овој дел и за претседател на Еврокомисијата да биде назначен Тимерманс, но отпорот пристигнал пред сѐ од источноевропските земји, меѓу другото поради фактот што тој како сегашен потпретседател на ЕК задолжен за владеењето на правото ги води прекршочните процедури против Унгарија и Полска. Притоа, голем број земји од источна Европа сметаат дека функцијата претседател на Еврокомисијата треба да и припадне на Европската народна партија како победник на европските избори.

Ова е трет самит по ред на кој лидерите не успеваат да се договорат за идните водечки позиции во европските институции.

МИА

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Францускиот претседател Макрон: Одбивам секакво проширување пред длабока институционална реформа на ЕУ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Убава вест: Можно намалување на цените за роаминг на Западен Балкан од јули годинава

Редакција

Над една третина Македонци зборуваат еден странски јазик

Редакција

Која е Урсула фон дер Лаин: Мајката на седум деца што го крши мразот во европската политика

Никола Осило