Секторот за внатрешни работи Скопје, до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје, поднесе кривична пријава против А.Р.(33) од Скопје поради постоење основи на сомнение дека извршил кривично дело „разбојништво“ и против Л.А.(18) од Скопје поради постоење основи на сомнение дека извршила кривично дело „помагање“, при што се стекнале со противправна имотна корист од околу 680.000 денари, информира МВР.
На 16.10.2018 година околу 07.10 часот пријавените со мотоцикл дошле пред просториите на фирмата Брза пратка на булевар „Јане Сандански“. Кога пристигнала вработената и ја отклучила влезната врата, А.Р. влегол по неа и со закана со пиштол и ги одзел парите кои таа претходно ги извадила од банка и мобилниот телефон.
По добиената пријава, од страна на полициски службеници веднаш се преземени мерки и активности за расчистување на случајот.
На 27.10.2018 година, врз основа на судска наредба, бил извршен претрес во домот на пријавениот А.Р. на улица „Тодор Чангов“, каде била затекната и Л.А.. При претресот бил пронајден пластичен пиштол и предмети поврзани со кривичното дело.
Двајцата биле лишени од слобода, а извршено е и препознавање на пријавените од страна на оштетената.