еМагазин
Image default
Бизнис

Продолжува трендот на намалување на просечната каматна стапка на кредитите и депозитите

Народната банка соопшти дека во јули продолжи трендот на намалување на просечната каматна стапка на вкупните кредити и се сведе на ниво од 4,50 отсто.

Просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 0,83 проценти.

-Просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор во јули изнесува 3,61 отсто и е пониска за 0,04 процентни поени, споредено со претходниот месец.

Надолната промена е резултат на намалувањето на каматните стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула (за 0,06 процентни поени), додека каматните стапки на кредитите во странска валута се непроменети. Анализирано на годишна основа, каматната стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор се намали за 0,28 процентни поени, наведува Банката.

Во јули, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор изнесува 3,04 отсто, при остварен месечен пад од 0,39 процентни поени. Падот се должи на намалувањето кај сите компоненти: намалувањето на каматните стапки на денарските кредити со и без валутна клаузула (за 1,00 и 0,01 процентни поени) и каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,06 процентни поени). Споредено со истиот месец минатата година, оваа каматна стапка бележи пад од 0,60 процентни поени.

Овој месец, каматната стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор е пониска за 0,05 процентни поени на месечна основа и изнесува 1,11 процент. Надолната промена произлегува од намалувањето на каматните стапки на депозитите во странска валута и каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,06 и 0,05 процентни поени), при непроменети каматни стапки на денарските депозити со валутна клаузула. На годишно ниво, oваа каматна стапка е намалена за 0,18 процентни поени.

Каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор во јули изнесува 0,42 отсто, што претставува месечен пад од 0,09 процентни поени. Притоа, падот во целост се должи на намалувањето на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,62 процентни поени), при евидентиран раст на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,07 процентни поени).

Oвој месец, банките и штедилниците не примиле денарски депозити со валутна клаузула. На годишна основа, каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор е пониска за 0,15 процентни поени.

-Каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата во јули е намалена за 0,03 процентни поени во однос на претходниот месец и изнесува 5,30 отсто. Надолната промена е резултат на намалувањето на каматните стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула (за 0,07 и 0,02 процентни поени), во услови на раст на каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,21 процентни поени).

Во споредба со јули минатата година, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата оствари пад од 0,26 процентни поени, соопшти Народната банка.

Овој месец, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата изнесува 4,58 отсто и бележи пад од 0,06 процентни поени на месечно ниво. Притоа, падот е одраз на намалувањето на каматните стапки на кредитите во странска валута и кредитите во денари со валутна клаузула (за 0,13 и 0,08 процентни поени), при остварен раст на каматните стапки на кредитите во денари без валутна клаузула (за 0,09 процентни поени).

Анализирано на годишна основа, оваа каматна стапка забележа раст од 0,10 процентни поени.

Каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата во јули се намали за 0,01 процентни поени на месечна основа и изнесува 0,79 отсто, што се должи на намалувањето на каматните стапки на денарските депозити без и со валутна клаузула (за 0,04 и 0,01 процентни поени), во услови кога каматните стапки на депозитите во странска валута бележат раст (за 0,02 п.п.).

Каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата е пониска за 0,24 процентни поени на годишна основа.

Овој месец, каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата изнесува 0,57 отсто, што претставува месечен пораст од 0,04 процентни поени. Растот произлегува од зголемувањето на каматните стапки на депозитите во денари без валутна клаузула и каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,05 и 0,03 процентни поени), во услови кога не се примени денарски депозити со валутна клаузула.

Оваа каматна стапка е намалена за 0,22 процентни поени во споредба со јули претходната година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Од 1 ноември ќе има топлинска енергија, ЕСМ склучи договор за набавка на гас

Редакција

Жителите на Ново Маало со поддршка за проектот кај „Холидеј ин“: Ќе се реши проблемот на многу семејства и ќе се добие зеленило

Редакција

Агенцијата за вработување склучи договор со Семос компјутерски образовен центар вреден 988,4 илјади евра

Редакција