еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Проф. Трајковски: 10 дена беа доволни за да го видиме негативниот ефект на укинувањето на сите мерки за баровите, ноќните и диско клубовите

Ви ја пренесуваме последната анализа на проф. Дејан Трајковски, кој редовно на Фејсбук ја анализира состојбата со Ковид-19 во Македонија.

“02.11.2021. Не требаше долго да чекаме, само 10 дена беа доволни за да го видиме ефектот на укинувањето на сите мерки за баровите, ноќните и диско клубовите.

Дневниот број на случаи фати чекор со нагорната линија на трендот (зелената линија на првиот дијаграм), а седумдневната подвижна средина (портокаловата линија на истиот дијаграм) повторно заврти нагоре.

Но, не се само вкупните дневни броеви важни.

Уште поважно е што, според МЗ, најголем неделен прираст на бројот на случаи има кај возрасната група од 20 до 29 години, што е најјасниот индикатор каде се случува главното заразување во моментот.

На вториот дијаграм гледаме дека 7-дневнната (брза) подвижна средина повторна ја пресече оддолу нагоре 14-дневната (бавната) подвижна средина, што е потврда на забрзаниот раст на дневните броеви.

Можеби најалармантно изгледа третиот дијаграм, стапката на позитивни тестови и нејзината подвижна средина (сината и црвената линија), коиштоисто така сé пострмо растат и практично се достигнати августовските нивоа.

Бранот на делта сојот продолжува таму каде што подзапре, но може да се каже и дека дури сега вистински започнува.

Броевите денеска просто експлодираа во Битола, но и во Скопје и Тетово, што значи дека ни августовската прележаност не беше доволна и делта сојот ќе мора да се допрележи есенва при есенска преносливост.

Ефективниот репродукциски број последниве седум дена исто така се зголемува, но сепак е далеку од неговите лански вредности (1,5) во истиот период од годината.

Јасно е дека бранот започнува да извишува.

Можеби топлото време неделава ќе успева да го држи за узда, но и тоа нема вечно да трае.

На сите им е јасно, само на нашите здравствени власти не им е јасно дека сме во нагорен тренд.

Уште на 15.10 беше потврден минимумот од 08.10 и почетокот на новиот раст.

Тие, пак, гледале само некаков распон од 300-400 случаи на ден, не знаеле дали броевите ќе растат или ќе опаѓаат и сметале дека токму сега (пред вториот круг на локалните избори) е вистинскиот момент за отворање на ноќните и диско клубовите, најопасните места за ширење на заразата.

Сé беше очајнички фрлено на карта на губитничките избори, но бадијала – и таму трендот беше надолен, а со трендот не можеш да се бориш.

Здравјето на нацијата повторно беше жртвувано поради популизам, поради една толку безначајна цел, која сепак не ги даде посакуваните резултати.

Засега единствениот дијаграм којшто изгледа смирувачки е фазниот портрет I-T (активни наспроти вкупно случаи, на петтата слика).

Таму гледаме дека почетокот на овој бран ја нема истата стрмина, како на почетокот на августовскиот бран (црвената стрелка искачува помалку стрмо од портокаловата).

Тоа значи дека темпото на додавање нови случаи засега не резултира со толку брзо додавање активни случаи како во август.

Разбирливо, тоа е поради засега релативно невисокиот ефективен репродукциски број Rt, па затворањето на старите случаите може да го следи отворањето нови без големо трупање активни случаи. Да видиме дали ова ќе биде одржливо на подолг рок.

Исто така, стапката на хоспитализираност не е многу висока. Моментално хоспитализирани има околу 7,1% од бројот на активни случаи, што е значително помалку од досегашните бранови, кога оваа стапка изнесуваше 10-11%.

Вакцините сепак вршат добра работа, колку што се може при овој недоволен опфат со вакцинација. Бројот на хоспитализирани изгледа исто така го достигна својот минимум и се спрема за нов раст.

Останува да видиме дали можеме да го избегнеме бугарското сценарио со експлозивен раст на случаите и истовремено висок број на починати.

Кај нас опфатот со вакцинација сепак е малку повисок отколку во Бугарија, па ако ништо друго, барем дневниот морталитет отсега натаму не би требало да биде толку висок“, пишува Трајковски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Проф. Трајковски: Бранот во Битола доаѓа подоцна отколку во Скопје и на североистокот

Проф. Трајковски: Доколку бројките на МЗ се точни, испаѓа дека дури и без трета доза, вакцинираните засега се прилично заштитени од смртен исход

Проф. Трајковски: „Aко овој чуден тренд на зголемување на ефективноста на вакцината против смртен исход продолжи да се зголемува, можеби бројките се штелуваат“

Фото: Трајковски/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

И Вие можете да им помогнете на настраданите од поплавите во Словенија, еве како

Редакција

Рускиот амбасадор Баздникин повикан во МНР, врачена му е вербална нота оти ја стави Македонија на листата на непријателски земји

Редакција

Во наредниот период променливо облачно со дожд и засилен ветер

Редакција