Министерството за здравство прогласи епидемија на морбили или мали сипаници на територија на градот Скопје поради 12 нови случаи. Министерот Венко Филипче информира дека шест од новите случаи се потврдени со соодветни анализи, а за останатите шест анализите се очекуваат утре. Тој додаде дека меѓу новите случаи повеќето се деца, но има и возрасни, а сите се невакцинирани лица со МРП вакцината.
„Принудени сме од утре да донесеме привремена мерка – забрана за носење на деца кои не се вакцинирани со МРП вакцина во градинките“, рече Филипче.
Од новите случаи има по еден заболен во Кисела Вода, Гази Баба и Аеродром, а тројца во Бутел. Од сомнителните случаи двајца се во Аеродром, по еден во Центар, Бутел и Ѓорче Петров.
Осум од заразените се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и сите се со компликации со бронхопневмонија. Двајца се со потешка клиничка слика. Меѓу заболените има осуммесечно бебе и деца на возраст од 3,5 и 4 години. Има и еден возрасен на 31-годишна возраст.
„Од 15.000 невакцинирани деца под 14 годишна возраст со повиците за вакцинирање, само 310 се вакцинираа што е исклучително мала бројка“, рече Филипче.
Тој потенцира дека во Србија и Романија има епидемија на морбили и рече дека станува збор за исклучително опасна и смртоносна болест. Додаде дека во Србија починале 30 лица, а во Романија – 50.
Во Скопје во моментов се регистрирани 13 случаи на морбили, а се очекува потврда за уште 6. Филипче најави дека ќе се истражува дали педијатри им давале совети на родители да не ги вакцинираат децата со МРП до тригодишна возраст.