Прогласувањето на наградените филмови на 12. МакеДокс ќе се одржи на 26 август во Куршумли-ан, во 20 часот.
Најдобрите документарни филмови од натпреварувачките категории: Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови, Студентска програма, како и програмата Етички идеи, ќе се закитат со наградите „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Награда за филм со најдобри етички идеи.
Во комисиите за награди членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот свет. Членови на жирито за наградата „Кромид“ за најдобар филм од главната програма се Адел Кохут, заменик генерален директор на „ДОК.фест Минхен“, Едима Отуокон, искусен специјалист за комуникации, експерт за реформи во креативниот сектор, хуманитарец и аналитичар на конфликти со повеќе од 25-годишно искуство на работа во Африка и Хеле Хансен, новинарка и режисерка на многубројни телевизиски документарни филмови, а од 2011 година е застапничка за документарни филмови во „Филмфонд норд“ во Норвешка.
За наградата „Млад кромид“ во категоријата „Нови автори“ одлучуваат Викторија Лешченко, програмски директор на Интернационалниот фестивал на документарни филмови за човекови права „Докудејс УА“ во Украина, Кристин Камдесу, француска продуцентка, основачка и програмска директорка на „Alegria Productions“ и Марион Шмит, кодиректорка на Европската асоцијација на
документарни филмови (DAE).
Во составот на жирито за наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краткометражен документарен филм се Ивана Тодоровиќ, режисерка на кратки, општествено- ангажирани филмови во Белград и Њујорк, Маја Новаковиќ, магистер по историја на уметност и помлад истражувач во Математичкиот институт на Српската академија на науките и уметностите и Микеле Сини, автор и продуцент на документарни филмови со многубројни ангажмани во секторот на филмската продукција.
Студентските филмови секогаш имале посебно место во програмата на МакеДокс, а годинава за наградата „Кокарче“ одлучува жири во состав: Јулија Коваленко, филмска критичарка и програмска уредничка на Фестивалот „Docudays UA IHRDFF“ во Киев, Украина, Питер Зах, автор, режисер и директор на фотографија кој живее и работи во Берлин и Ингибјорг Халдорсдотир, директорка на
Исландскиот документарен филмски фестивал „АјсДокс“.
Во конкуренција за наградата за најдобри етички идеи влегуваат филмови од повеќе натпреварувачки категории, а за наградата одлучуваат Кристина Горовска, вокална солистка на македонскиот бенд „Бернајс пропаганда“ и авторка на текстови, музика, дизајн на албумските омоти и на концептот за видеопроекциите од живите настапи на бендот, Танкред Ривиер, француски писател и поет кој се фокусира на теоретско и креативно пишување и Ацо Палитов, независен продуцент и режисер на документарни проекти.