Градскиот комитет Скопје на ВМРО-ДПМНЕ денеска пред Министерството за здравство организираше протест под мотото „Да го измиеме срамот на Филипче“.
Учесниците на протестот побараа оставки од премиерот Зоран Заев и од министерот за здравство Венко Филипче. Според нив, општите болници низ земјава се полни и немаат основни медицински средства, медицинските лица купуваат опрема и работат до исцрпување.
Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата изјави дека е потребно да се обезбедат вакцини против Ковид-19 и оти до денеска имаме загубено 4.150 граѓани во земјава.
Посочи дека на втори февруари се тргнаа сите пречки во Законот за јавни набавки за, како што рече, луѓето кои седат во Министерството да почнат со набавка на вакцини.
Според него, 60-тина дена по тоа, ниеден закон не е поминат и тоа, како што рече, не е поради опозицијата, туку поради власта, бидејќи Заев ги примора неговите пратеници да му гласаат доверба.
„И поради неспособноста на власта, ние граѓаните понижени чекаме пред граничните премини на нашите соседни држави да го бараме спасот таму за вакцини“, рече Стојаноски.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ели Панова упати критики за работата на Филипче. Таа изјави дека работата на Филипче треба да се темели врз Законот за здравствена заштита и додаде оти секојдневно се кршат членовите 2 и 3 од овој закон.
„Вашата неспособност за менаџирање го загрозува здравјето на обичниот граѓанин, па денес во Македонија имаме рекордна смртност од 4.108 луѓе како последица на Ковид-19. Според вчерашниот извештај на „Економист“, Македонија са наоѓа на трето место по смртност во светот. Полоши сме дури и од Италија во моментов“, изјави Панова и додаде дека се крши членот 6 или начелото на достапност со кое здравствената заштита треба да биде географски, физички и економски достапна.
На протестот се обратија и Владимир Нелоски, претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, како и претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ Сергеј Попов.
Од Министерството за здравство реагираа дека ВМРО ДПМНЕ се потсмева со вакцинацијата на возрасните граѓани, здравствените работници, полицајците, армијата, учителките, воспитувачките …
„ВМРО ДПМНЕ не може да се помири со фактот дека вакцинацијата на територија на цела држава се одвива без никаков проблем. Вакцинацијата во време на светска пандемија е сериозен здравствен процес, колку тоа на ВМРО ДПМНЕ да им наликува на „преправање” (симулација).
Тажно е што опозициската партија безидејно обидувајќи се да профитира политички се потсмева со вакцинирањето на лицата со најголем ризик од заболување, односно возрасните граѓани постари од 76 години.
ВМРО ДПМНЕ не може да се помири со фактот за беспрекорната организација на масовната имунизација во А1 СЦ „Борис Трајковски”. На ВМРО ДПМНЕ му сметаат, насмеани лица на граѓани по вакцинација, на опозицијата и сметаат позитивните коментари од граѓаните кои ја примиле вакцината. ВМРО ДПМНЕ во време на пандемија прави само штета.
Во време на рестриктивни мерки, полициски час, одлучија да се групираат и да протестираат. Жалиме што опозицијата од почетокот на пандемијата не придонесе со ништо за заштита на здравјето на граѓаните“, соопшти Министерството.
МИА/Фото: Фејсбук/ВМРО-ДПМНЕ