Првиот човек на ЕВН Македонија, Волфанг Маер, денеска изјави дека броилата се набауваат со стандарди на Европската Унија и дека за нив е најважно да мерат прецизно колку е потрошената струја. Освен стандардите кои ги гарантира производителот на броилата, редовно се прави и надворешен надзор од Бирото за метрологија, рече тој.
Маер заедно со менаџерот на Електродистрибуција, Сашо Салтировски, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Бирото за метрологија, Авдуљ Сељам Селами, денеска беа во посета на подружницата на ЕВН Македонија во скопската општина Бутел.
Салтировски посочи дека се при крај со подготовките до 1 декември годинава се да биде подготвено за воведување евтина дневна тарифа на електричната енергија, а до крајот на декември сите достапни броила ќе бидат сетирани.
Тој ги замоли граѓаните да им бидат достапни броилата, за како што рече, да можат нивните читачи да ги прочитаат, бидејќи во текот на читањето се прави сетирањето на броилата.
-Сите оние броила што ќе бидат достапни ќе бидат сетирани во текот на декември, а колку вкупно броила ќе бидат сетирани ќе зависи од достапноста на броилата.
Сите броила што се достапни ги читаме еднаш месечно и сите тие ќе бидат сетирани, бидејќи тоа оди оптички со еден уред, се оди од броило до броило и при читањето софтверот ги сетира како што треба да се сетира, појасни Салтировски.
Липково ќе биде прва општина во Македонија која целосно ќе биде покриена со смарт броила за електрична енергија и со загуби од 10 проценти. Скопје е регион со највисоки загуби од 20 проценти.
-Во Арачиново броилата се надвор на улица и таму има 10 проценти загуби во јуни и во јули, така што тој проблем е веќе среден. Арачиново има загуби од 10 проценти, тоа е на ниво на технички загуби и се едни од најниските на ниво на цела Македонија.
Во Слупчане проектот оди глатко и веќе се привршува, така што Општина Липково ќе биде првата општина во Македонија целосно покриена со смарт броила и цела општина со загуби под 10 проценти, рече Салтировски.
Како што нагласи ЕВН во Липково работи на загубите на енергија повеќе од 10-ина години, а работи и на многу други места, како што се Грчец, Батинци, но почнува проекти и во Драчево и во Лисиче, итн..
-Загубите се проблем на ниво скоро на цела територија на Македонија, а за Скопје особено. Скопје е регион со највисок процент на загуба. Тетово има помали загуби од Битола. Така што, не е секогаш поврзано тоа етнички и зависи од многу други фактори, дали се политички, економски итн., но не е поврзано етнички како што беше прикажано.
На пример, Кичево, Струга имаат мали загуби, а 20 проценти се во цело Скопје. И кај и да одите во Скопје, дали сте во Лисиче, дали сте во Драчево, особено во руралниот дел кај што нема колективни згради секаде има загуби. И тоа е вистината, потенцира Салтировски.
еМагазин/МИА/фото: Министерство за економија