еМагазин
Image default
Бизнис

Ребаланс на буџет: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се „спукаа“ околу субвенцииите за повисоки плати

Во Собранието почна расправата по ребалансот на Буџетот за 2019 година. Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот е точка на дневен ред во матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет.

Пред членовите предлогот го образложува министерката за финансии Нина Ангеловска, според која алоцирање на средствата онаму каде што ќе има најголема ефикасност и каде што може да се постигнат поголеми економски ефекти е целта на предложениот Ребаланс на буџетот.

Според предлогот, вкупните приходи со ребалансот на Буџетот се планирани на ниво од 210,5 милијарди денари, додека вкупните расходи се утврдени на износ од 228, 3 милијарди денари.

Во овие рамки на планирање расходи и приходи, дефицитот останува непроменет во однос на планираниот со основниот Буџет, односно е со позициониран износ од 17,7 милијарди денари или 2,5 проценти од БДП.

Со ребалансот на Буџетот се издвоени 400 милиони денари за субвенционирање на растот на платите во приватниот сектор, 200 милиони денари за активни мерки за вработување, дополнителни средства за поддршка на земјоделството, 193 милиони денари за набавка на лекови за ретки болести и инсулин, 193 милиони денари за заштита на колекторскиот систем на Охридското Езеро, за исплата на поврат на ДДВ…

Поради слабата реализација на одредени капитални инвестиции  од иницијално планираните 25,9 милијарди намалени се одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација. Вкупното намалување на капиталните инвестиции изнесува 50 милиони евра.

Расправата во Комисијата, согласно собранискиот Деловник трае 10 дена, по што Предлогот оди на пленарна седница.

Во пресрет на почетокот на собраниската процедура владејчката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ се скараа околу целисходноста на ребалансот и посебно околу субвенциите за зголемување на платите.

Од СДСМ соопштија дека со ребалансот на Буџетот предвидени се нови мерки за покачување на платите, за повеќе пари кај граѓаните и повисок животен стандард.

„Ребалансот на буџетот обезбедува дополнителни 400 милиони денари за субвенционирање на придонеси за компаниите кои ќе ги покачат платите до 6.000 денари.

Дополнително обезбедени се 200 милиони денари за вработување со што се потврдува заложбата на Владата предводена од СДСМ да ја намали невработеноста која веќе е на историски најниски досега 17.5%. Бројни економски параметри покажуваат дека имаме активна, конкурентна и силна економија која нуди еднакви шанси за сите. Просечната нето плата годинава е повисока за 3.5 отсто.

Минималната плата порасна до 12.507 денари и е еднаква во сите стопански гранки, се разговара и за ново покачување. Од септември годинава покачени се платите на сите вработени во јавната администрација за 5 отсто. Доказ за успешноста на економските реформи на Владата предводена од СДСМ се официјалните податоци кои потврдуваат дека во првите два квартали од 2019 година имаме над 3 проценти раст на БДП.

Владата предводена од СДСМ останува посветена на унапредување на условите во економијата со цел да се обезбеди економски раст, повисоки плати, помали трошоци и повеќе пари за сите граѓани“, соопшти СДСМ.

На ова реагираа од ВМРО-ДПМНЕ од каде што велат дека СДСМ донела само мизерија и низок стандард за живеење.

„Граѓаните едвај врзуваат крај со крај. Над 500.000 граѓани живеат на работ на сиромаштијата во Македонија. Владата на СДСМ само им одзеде на граѓаните пари со разните покачувања на даноците и давачките. Покачувањето на платите е фиктивно и граѓаните на Република Македонија немаат почувствувано ниту една добра и реална мерка од страна на СДСМ која  ќе им го подобри животот.

Мерката субвенционирање на придонесите има за цел да овозможи само статистичко покачување на нето платата и е непазарна и контроверзна мерка.

Во Македонија има пад на продуктивноста за 2,2 % што е катастрофален податок. СДСМ континуирано ги зголемува трошоците за плати и надоместоци што значи дека врши нови вработувања во државната администрација која и онака е претрупана. СДСМ пред да дојде на власт говореше дека Македонија има преобемна и неефикасна администрација за сега кога дојде на власт континуирано го зголемува нејзиниот број.

Единствениот интерес на СДСМ е да ги вработи своите партиски послушници за кои реално нема потреба во и онака пренатрупаната администрација. Ваквите непродуктивни вработувања ја намалуваат просечната продуктивност по работник во Македонија  и негативно влијаат врз политиките за развој на приватниот сектор.

Македонската економија  никогаш не била во полоша состојба. Со ребалансот на буџетот скратени се 52 милиони евра од ставката за капитални проекти.

Дека СДСМ ништо не работат во делот на економијата јасно покажуваат и податоците од Министерството за финансии во делот на капитални трошоци кои изнесуваат заклучно со месец Јули односно за 7 месеци од годинава мизерни 24, 5 %.Има пад на работниците  во индустријата за  2,5 %.Странски инвестиции  скоро и да нема додека граѓаните секојдневно се иселуваат“, соопшти партијата.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

За невакцинирани во кафуле казна од 250 евра

Редакција

Аеродромите во Скопје и Охрид со 2,4 милиони патници во првите девет месеци

Редакција

Македонија повторно остана без железнички сообраќај

Редакција