еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Се скараа кој го изградил автопатот Миладиновци-Штип како од џеб да ги дале парите

Автопатот Миладиновци  – Штип денеска официјално ќе биде пуштен во употреба со церемонија кај Свети Николе во присуство на високо државно раководство и странски гости.

Интересно е што на денешниот настан му претходеше своевидна расправија меѓу екс премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и СДСМ која открива како размислуваат македонските политичари кога се во прашање заслугите за одредени проекти.

Се започна откако Груевски од Будимпешта на својот Фејсбук профил напиша „сочен“ статус околу тоа чии се заслугите за изградбата на оваа автопатска делница.

„Да прашам, за тие што веќе го пробале… како е новиот автопат Скопје-Штип? Веќе неколку недели се вози низ него, па да прашам за оние кои го возеле или пак ги возеле: задоволни?

Се радувам што оваа “главна артерија” за источна Македонија се заврши. Не само што се започна, туку 85-90 осто овој автопат се заврши додека на власт беше ВМРО. Требаше да е готов до крајот на 2017 година, ама што од неспособност и неработење на актуелните функционери, се еден до еден „јога мајстори“, што од желба да направат перцепција дека над две години нешто божем многу работеле овие експертиве за држење говори на промоции на туѓи проекти и кај нас во земјата и низ соседните држави, го „влечкаа“ завршувањето на автопатот до скоро. За да можат и тие нешто да прослават“, напиша Груевски и порача „да не го најде упропастен автопатот кога ќе се врати“.

На неговиот статус не останаа должни од СДСМ со став дека Груевски го украл половина автопат Миладиновци – Штип, бидејќи додека ВМРО-ДПМНЕ било на власт автопатот не бил завршен ниту 50 отсто.

„Единствениот успех на осудениот криминалец Груевски во инфраструктурата се милиониските провизии што ги договараа со неговата десна рака Миле Јанакиески.

Заради криминалните интереси на фамилијата, заради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ оставени беа бројни пропусти кои ги чинеа граѓаните дополнителни стотици милиони евра. Со надминување на пропустите конечно се изгради автопатот Миладиновци – Штип, а автопатот на провизиите Кичево – Охрид, забрзано се гради.

Криминалецот Груевски нека не се грижи за одржувањето на патиштата, единствениот пат по кој ќе оди кога ќе се врати е патот што води до најблиската казнено-поправна установа, каде го чека неговото столче во ќелија“, реплицираа од СДСМ.

Ваквата комуникација меѓу двете страни само покажува дека тие како да забораваат дека изградбата на овој автопат, како и се останато во оваа држава на крајот ги плаќаат граѓаните преку даноците и буџетот.

Затоа наместо да се удираат во гради за тоа кој е позаслужен, тие треба да објаснат зошто од осамостојувањето досега ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, партии кои со ДУИ како привезок се постојано на власт не изградија модерен автопат кон Охрид и останатите правци по Коридорот 8, а не треба ни да се споменува железницата која е како слепо црево, бидејќи во 21 век се уште немаме пруги кон Албанија и Бугарија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Груевски со поздрав од Будимпешта: „Немој кога ќе се вратам да го видам упропастен автопатот Скопје-Штип!“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Половина деценија стратешко партнерство меѓу бразилскиот фармацевтски лидер EMS и Галеника во функција на здравјето во регионот

Редакција

(Фото) Стопанска банка АД – Скопје одбележува почеток на градба на нова управна зграда, прва во својата богата историја

Редакција

Промет од милион евра со акциите на УНИ банка за осум месеци

Редакција