Првите историски записи за тироидната жлезда се постари отколку што сте замислувале
Постоењето на тироидната жлезда, како и болестите на тироидната жлезда, се забележани пред илјадници години. Околу 1600 години п.н.е. во Кина се користел изгорен сунѓер и морска трева (која содржи јод) за третман на гушавост (зголемена тироидна жлезда).
Тироидната жлезда уште се нарекува и штитна жлезда
Се нарекува штитна жлезда, затоа што нејзиното латинско име (glandula thyreoidea) потекнува од стар збор на античките Грци кој практично значи „форма на штит“. Доколку во моментов замисливте штит и формата не ви се совпаѓа со онаа на тироидната жлезда, потполно сте во право.
Меѓутоа, во античка Грција штитовите биле специфични и со различна форма од онаа која нам ни е добро позната. Како мало потсетување, кој од вас го памти Бред Пит како Ахил во филмот Троја? Верувам доста од женската популација, но дали некој се сеќава на неговиот штит?!
Тироидната жлезда влијае на речиси секоја клетка во вашето тело
Тироидните хормони ги регулираат метаболните функции на клетките во телото, преку стимулација на ткивата за произведување на протеини, како и со зголемување на достапното количество кислород до клетките. Со ова тироидните хормони директно влијаат на вашиот метаболизам, односно на тоа колку брзо или споро ќе работи вашето срце, мозок, мускули, црн дроб и т.н.
„Доколку вашата хипофиза е термостатот, тогаш вашата тироидна жлезда е печката на вашето тело“ – овој цитат можеби најдобро ја оппишува хипофиза-тироидеа оската, затоа што кога ви е ладно хипофизата стимулира испуштање на тироидно стимулирачки хормон, кој пак влијае на тироидната жлезда и таа започнува да испушта зголемени коичини тироидни хормони во циркулацијата како резултат на што вашето тело се затоплува.
Тироидните нарушувања може да постојат со години пред да бидат дијагностицирани
Многу често, симптомите на тироидните нарушувања се провлекуваат со години, тоа пред се се должи на фактот дека симптоматологијата е неспецифична и се развива постепено. Доколку тироидното нарушување продолжи да перзистира подолг период без третман можни се сериозни компликации.
Анксиозност и несоница се знаци на тироидно нарушување
За жал, неретко се случува и во денешно време пациенти кои имаат анксиозност, несоница, немир, тресење на рацете и губиток на килажа да се третираат со психијатриска терапија, без да се провери функцијата на нивната тироидна жлезда. Сите овие симптоми може да бидат знак на прекумерно активна тироидна жлезда или хипертироидизам.
Зголемена телесна тежина и депресија како знак за неактивна тироидна жлезда
Кога овие симптоми се јавуваат во брзо време може да бидат знак за намалена функција на тироидната жлезда – хипотироидизам. Многу често хроничниот замор, чувство на летаргија, сува кожа, заедно со зголемена телесна тежина и блага депресија се препишуваат како резултат на стрес и нездрав начин на живот. Меѓутоа, со оглед на напредокот на медицината, доколку се јави пациент со овие симптоми потребно е да се провери функцијата на тироидната жлезда – со неинвазивна и лесно достапна метода.
„Заробува“ многу важен елемент
Тироидната жлезда е единствена во организмот која може да го искористува и складира јодот. Тироидните хормони се единствените кои во својот состав имаат јод. Тироидната жлезда не само што има потреба и го искористува јодот кој го внесуваме преу исхраната, туку го складира во значителни количества со цел да има спремни дози при недоволен внес на јод во телото.
Во себе содржи потенцијално летална доза на хормони
Тироидната жлезда во себе содржи огромна количина на тироидни хормони – кои доколку ги пушти наеднаш во циркулацијата (состојба позната како тироидна бура) може да биде летално. За среќа, тироидната жлезда е контролирана преку постојани и екстремно сензитивни сигнали кои патуваат помеѓу самата тироидеа, ткивата, концентрациите на тироидните хормони во циркулацијата и мозокот.
Тироидната жлезда има многу важна улога во бременоста и во развојот на фетусот
Во текот на бременоста метаболизмот се забрзува, а со тоа и неговите потреби. Со цел телото да функционира правилно и во оваа ново настаната состојба, притоа овозможувајки безбедна средина за развој на фетусот, мозокот на мајката праќа сигнали до тироидната жлезда да лачи повеќе хормони.
Ова се само дел од бројните важни функции на тироидната жлезда. Доколку претходно не сте ги сфаќале сериозно нарушувањата и болестите на тироидната жлезда, размислете повторно, затоа што правилната функција на тироидната жлезда е неопходна. Сите што имаат некое нарушување на тироидната жлезда треба редовно да се иследуваат на ендокринолог.
КОМЕРЦИЈАЛНА ОБЈАВА