Парламентот на Романија денеска на пленарна седница го ратификува Протоколот за пристапување на Република Македонија во НАТО.
На ратификацијата во Букурешт присуствуваше и претседателот на Собранието Талат Џафери, кој имаше обраќање пред романските пратеници.
„Романија денеска уште еднаш ја демонстрираше својата посветеност, пријателство и поддршка кон Република Северна Македонија за остварување на нејзината евроатланска определба, овозможувајќи една кохерентност и заедничка иднина. Дозволете искрено да се заблагодарам од мое лично име, од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и од име на нашите граѓани, чест ни е што сте наши вистински пријатели и партнери“, рече Џафери.
Романија е седма земја членка на НАТО што го ратификува Протоколот за членство на Македонија во НАТО. Прва тоа го стори Грција, а по неа и Словенија, Албанија, Бугарија, Хрватска и Црна Гора.
Утре Протоколот треба да биде ратификуван и во Сејмот на Литванија. Како што е најавено, Џафери од Букурешт заминува за Вилнус каде што ќе има обраќање пред пратениците во литванскиот Парламент.
Земјите-членки на НАТО на 6 – ти февруари го потпишаа Протоколот за пристапување на Македонија во Алијансата. По ратификацијата на Протоколот во парламентите на сите 29 земји-членки на Алијансата, Македонија и официјално ќе стане полноправна членка
МИА/Фото:Влада