Граѓанската иницијатива „Аваја“ (на македонски: доаѓаме ) е составена од млади Роми активисти и интелектуалци кои имаат цел да ги артикулираат и промовираат интересите и правата на ромската заедница пред сите засегнати страни во Република Северна Македонија.
„Аваја“ во рамките на претседателските избори ја започна кампањата „Ние Гласаме, Ние Одлучуваме” зад која стојат 10.000 граѓани Роми од 14 општини со цел обединување на ромските гласови и преточување во конкретни барања кои ќе бидат застапувани од страна на самата граѓанска иницијатива.
По овој повод разговараме со Дениз Селмани, граѓански активист од „Аваја“.
Пред неколку дена, млади Роми интелектуалци организирани во Граѓанската иницијатива „Аваја“ промовиравте кампања за изразување на интересите на ромската заедница. Ве молам објаснете ја кампањата? И значи ли тоа дека досега оваа заедница не ги артикулираше своите права и интереси?
– Оваа граѓанска иницијатива ги промовира заедничките интереси на ромската заедница, ги охрабрува гласачите Роми да учествуваат на претстојните претседателски избори, да го искористат своето право на глас со што ќе придонесат кон подигнување на политичката култура на ромската заедница и на демократските процеси во Република Северна Македонија. Правата и интересите на ромската заедница во изминатиот период делумно се артикулираа, но и не беа земени в предвид од страна институциите. За ова говорат анализите и истражувањата од терен кои не покажуваат позначајни промени во животот кај ромската заедница. Затоа, како млади Роми одлучивме да се здружиме и да ги артикулираме и застапуваме интересите и правата на ромската заедница.
За да ја потврдите вашата легитимност, ќе собирате потписи од 10.000 граѓани во 14 општини. Кои се Вашите очекувања и како ќе се одвива собирањето на потписите? Што ќе правите откако ќе ги соберете?
– Оваа граѓанска иницијатива има структура со 500 активисти кои на терен ги собираат овие 10.000 потписи како поддршка. Потписите служат како легитимитет и поддршка на нашата кампања. За само четири дена собравме 4400 потписи во само неколку градови. Во следните три седмици ќе бидат организирани локални настани во сите 14 општини, каде што ќе покрај што граѓаните ќе можат да ја дадат својата поддршка преку потпис, членови од иницијативата ќе се обратат и ќе се заблагодарат за дадената поддршка.
Откако ќе се соберат 10.000 потписи за поддршка се планира организирање на јавен настан на кој кандидатите за претседатели кои успешно ќе влезат во вториот круг ќе имаат можност пред 1000 лица од ромската заедница да се сретнат и да ја презентираат својата програма, но и да одговорат на неколку прашања од страна на ромската заедница. Очекуваме кандидатите да се заложат дека ќе работат на барањата на ромската заедница и ќе помогнат во целиот нивни мандат.
Кои се клучните барања на ромската заедница и на кој начин, тоа ќе влијае на подобрување на животот на Ромите во Република Северна Македонија? Како ги дефиниравте овие барања?
– Првото барање на ромската заедница е Ромите да бидат 2% застапени во државната и јавната администрација до 2020 година за да се запази правичната застапеност по институциите, особено министерствата. Ова ќе го подобри спроведувањето на таргетираните политики за интеграција на ромската заедница, но и на мејнстрим политиките.
Ако го земеме, пример Одделението за имплементација на Стратегијата за Роми при Министерството за труд и социјална политика, во кое се вработени Роми може да се увиди дека спроведувањето и реализацијата на предвидените активности е без застој.
Второто барање на ромската заедница е двојна поголема буџетска алокација за решавање на проблемите на Ромите до 2020 година. Затоа што сериозни промени на животот на ромската заедница може да се остварат преку интегрирање на човечки ресурси и поголема алокација на финансиски средства.
Третото барање е двојно поголема реализација на капиталните инвестиции во ромските населби до 2020 година. Ова барање произлегува од фактот дека и во 21 век, сè уште, во општините каде што живеат значителен број Роми нема пристап до вода, електрична енергија, фекална и атмосферска канализација. Сите три барања доаѓаат од претходни консултации со граѓаните, но и од анализите и истражувањата на граѓанските организации.
Подготвивте и Манифест за ромската заедница. Што значи манифест и кои се главните поенти?
– Mанифест е политички документ кој се креира со одредена цел и ја одразува потребата за промена која нашата граѓанска иницијатива сака да ја види во следниот период. Главните поенти во нашиот манифест e кратко објаснување што е „АВАЈА” и кој стои позади идејата, потоа продолжува со главните аргументи зошто се иницира кампањата „Ние Гласаме, Ние Одлучуваме” и на самиот крај ги наведува барањата на ромската заедница за која даваат поддршка со свој потпис 10.000 Роми од 14 општини.
Што очекувате од идниот претседател на државата во однос на промоција и заштита на ромските права? Планирате и средба со кандидатите кои ќе поминат во вториот круг на претседателските избори?
– Од идниот претседател на државата, пред сè, очекуваме поголема сериозност во промоцијата и заштита на човековите права со посебен осврт на ромската заедница, бидејќи според сите анализи се покажува дека ромската заедница, сè уште е една од најдискриминираните во македонското општество. Ромската заедница е уставотворен народ, како и сите заедници кои живеат во Македонија. Очекуваме Претседателот во својот кабинет да има советник Ром/ка, да именува амбасадор Ром/ка како и членови на дипломатските мисии.
Да, како што напоменав претходно планираме средба со кандидатите кои ќе влезат во вториот круг и веќе сме во преговори околу договарање на датум на кој би се одржал настанот. Настанот ќе биде организиран пред повеќе од 1000 Роми од сите 14 општини. На самиот настан e предвидено кандидатите да ги презентираат своите програми со осврт на ромската заедница, но ќе бидат поставени три до четири прашања на кои ќе треба да одговорат кандидатите. Очекуваме покрај кандидатите за претседател да се појават и други политичари, како и претставници на дипломатските мисии и меѓународните организации кои се присутни во Република Северна Македонија.
Иако Македонија е посветена на подобрување на условите за живеење на ромската заедница, сепак како држава, сé уште се соочува со сериозни предизвици. Како може да ги совладаме овие предизвици?
– Меѓудругото, пред сите избори во ромските населби, кандидатите ветуваат подобрување на условите за живеење на ромската заедница, но реално многу малку се спроведува откако ќе дојдат на власт. Очекуваме, кој и да победи, да се преземат сериозни чекори кон подобрување на условите за живеење на ромската заедница бидејќи Европската Унија очекува фер и демократски избори. Воедно еден од предусловите на Европската Унија е и ромската заедница да биде интегрален дел од општествениот живот на државата, односно подобрување на животот на Ромите. Предизвиците може се надминат на два начина.
Првиот е преку вработување на ромската заедница во јавната и државната администрација, кое е и начело на Охридскиот Рамковен Договор. Со ова би се постигнала соодветна и правична застапеност и на овој начин, сите таргетирани и мејнстрим политики би се спроведувале со многу поголема ефикасност и ефективност. Вториот начин е државата двојно да ја зголеми алокацијата за решавање на проблемите со кои се соочува ромската заедница со што преку директни капиталните инвестиции во ромските населби би се подобрил животот на ромската заедница.