еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Што да посетите кога сте во Црна Гора: Дива и неоткриена убавина, далеку од гужвите на плажите на море

Црна Гора е туристичка дестинација, чии што убавини не се докрај откриени, бидејќи не се само плажите и морето, кои се атрактивни за туриститите. Планините, езерата, реките, национални паркови овозможуваат и развој на алтернативен селски туризам, кој може да биде бегство од гужвите низ плажите, но и освежување во летните денови.

Затоа, слоганот на овогодинешнава туристичката понуда на Црна Гора е „дива убавина“.

На туристичката промоција на Црна Гора за македонскиот пазар во Скопје беа презентирани неколку градови Бар, Улцињ, Цетиње, Подгорица, Будва.

Зана Сарван, директорка на Туристичката организација од Улцињ вели дека градот е „свет во мало“, и е познат по природните убавини, бидејќи излегува на море, река и езеро. Во Улцињ се наоѓа и најголемата песочна плажа.

„Улцињ треба да се доживее, градот е за семеен одмор, но и забава за младите, бидејќи е доста безбеден. Во градот има маслинарник со маслиники кои се 1.000 години стари,“ вели Сарван.

Од Туристичката организација на Бар истакнаа дека градот е со најголем број на сончеви денови, 270, и има 40 плажи. Туристичката понуда вклучува крстарење по Скадарско езеро, планински туризам со маркирани планинарски патеки, посета на села со вкусување на традиционални вина, специјалитети од шаран кој го има во Скадарско езеро.

Директорот на Туристичката органзација на Цетиње, Оскар Хутер вели дека понудата на Цетиње е богата, бидејќи градот е срцето на Црна Гора со богато историско духовно и културно наследство, а може да се посетат двата национални парка Ловчен и Скадарско езеро.

„Ако не сте го посетиле Цетиње, не сте ја доживеале Црна Гора на вистински начин,“ вели Хутер, кој информираше дека во мај има голем број на настани, а најзначаен е прославата на Денот на независноста на Црна Гора, кога ќе се одбележува од 18 до 21 мај.

Половина од туристичкиот промет во Црна Гора се прави во Будва, кој што е град со 20.000 жители, но годишно ја посетуваат еден милион туристи.

Будва, како што истакнуваат од Туристичката организација на градот е бренд сам по себе, и оттука слоганот на туристичката кампања „Будва, љубов која трае“. Во градот и околината има 140 хотели, распослани на песочно-каменесто крајбрежје.

Целта на црногорските туристички работници е да се зголеми бројот на туристи од регионот, и да се зголеми бројот на македонски туристи чиј што број се движи околу 40.000.

Традиционалните туристи од Украина и Русија годинава ги нема, но затоа Црна Гора го отвора пазарот за трети земји, Саудиска Арабија, Казахстан, Израел, Турција. Се очекуваат и гости од Европа од Германија, Франција, Австрија, Скандинација како и враќање на чешките туристи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Црна Гора е туристичка дестинација за сечиј џеб: Еве какви ќе бидат цените летово

Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Расчистен воздухот во Скопје, препораки за празничните денови

Редакција

Заев: Ќе побараме одложување на изборите

Редакција

Детален преглед по скопски општини: Чаир рекордер по заболени од корона вирусот, растат бројките во Аеродром и Карпош

Редакција