По повод новите податоци за сиромаштијата во државата, од Министерството за труд и социјална политика велат дека за 300 отсто ја зголемуваат социјалната помош преку воведување гарантиран месечен приход, а го олеснуваат пристапот до остварување на ова право.
– Подготвивме темелна реформа на социјалниот систем и детската заштита. На овој начин нудиме ефикасни и долгорочни решенија и се бориме со сиромаштијата во Македонија. Државниот завод за статистика, денеска ги објави податоците од Лаекен анкетата според кои стапката на сиромашни лица во Република Македонија во 2017 година изнесувала 22,2 отсто, а како основа за пресметките на сиромаштијата се користени приходите од 2016 година. Ова е уште еден показател за неопходноста од итни промени на погубните политики на претходната власт и доказ дека социјалните реформи што ги прави оваа Влада се во вистинска насока, се посочува во соопштението од Министерството за труд и социјална политика.
Со новите реформи, додаваат од МТСП, кои стартуваат од почетокот на идната година социјалната помош се зголемува за 300 отсто, односно 70 отсто од корисниците ќе добиваат повисока социјална помош.
– Воведуваме гарантираната минимална помош и неколку нови надоместоци, но истовремено градиме способна и продуктивна работна сила, преку преквалификација на лицата кои се невработени. На овој начин директно им помагаме да се вработат, односно им овозможуваме трајно решение и можност да се извлечат над линијата на сиромаштија, се посочува во соопштението.
Од Министерството потенцираат и дека исто така го отвораат социјалниот систем и за лицата со ниски примања, што, како што потенцираат не било случај досега.
– Конкретно, го олеснуваме пристапот до надоместокот, на дополнителни 11.000 домаќинства, но и на постојаните 24.000 домаќинства кои во моментот се приматели на социјална помош. Според новиот социјален систем, правото на детскиот додаток за првпат е достапно за домаќинствата со ниски примања. Така, бројот на деца корисници на детски додаток во 2018 година е 3.200, а се предвидува истиот да порасне на 73.500. Дополнително, бројот на корисници на образовен надоместок се предвидува да порасне од 3.800 на 64.316 деца, појаснуваат од МТСП.
Од таму додаваат дека со последните законски измени околу 8.100 стечајни работници ќе добиваат месечен надоместок во висина од 7.596 денари до пензионирање, велат од Министерството за труд и социјална политика.
Анкетата за приходи и услови за живеење Државниот завод за статистика ја спроведува во согласност со препораките на Европската унија. Според истата анкета објавена лани, стапката на сиромаштија во 2016 година изнесувала 21,9 отсто, а како основа за пресметка се користеле податоците за приходите од 2015 година.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Зголемување: Дури 460.300 македонски граѓани живеат во сиромаштија