еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Во Собрание продолжува маратонската седница за реконструкција на Владата

Собраниската седница и во продолжението синоќа по полноќ помина во меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата.

Пратениците од опозицијата со обвинувања за лошата економска состојба, нефункционирањето на институциите, неспособноста на власта да се справи со корупцијата, недовршувањето на капиталните проекти, повторувајќи го ставот дека реконструкцијата на Владата не е во интерес на граѓаните, туку за пазарење на функции и лични интереси.

Во еден момент дојде до расправија меѓу претседателот на Собранието Талат Џафери и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, кој претходно во обраќањето од говорницата го спомена синот на Џафери.

По кусата расправија и интервенцијата на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, ситуацијата се смири и продолжи дебатата за разрешување на министерот задолжен за дијаспора.

Претходно, пратениците од опозицијата обвинија дека премиерот не се грижи за македонската дијаспора и запрашаа зошто не предлага нов министер за дијаспора во период, како што рекоа, кога во одредени држави ни се негира идентитетот.

На ова премиерот реплицираше дека Владата, државата, се грижи за секој припадник на дијаспората, за Македонците без разлика на тоа каде живеат, додавајќи дека единствено ВМРО-ДПМНЕ е таа која се обидува да ги наруши добрососедските односи.

-Во однос на прашањата со дијаспората, сакам овде многу јасно да кажам, Македонци има и во Америка, Канада, Германија и во Швајцарија, Австралија, Грција, Бугарија, Србија, Албанија и во Косово и секаде се тоа Македонци кои што зборуваат македонски јазик на кој што сме ние исклучително горди. Земете ги само од пред две недели снимките од МНР каква се помош беше однесена во Албанија за нашите Македонци кои живеат таму, рече Ковачевски.

Се уште не е завршена расправата за разрешување на министерот без ресор за дијаспора Џемаил Чупи од Алтернатива, а нa претходните заседанија беше заокружена дебатата за разрешување на неговите сопартијци, министрите за здравство Беким Сали и за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, кои ќе бидат заменети со кадри од новиот коалициски партнер – Алијанса за Албанците.

На дневен ред на 104-тата седница се и назначувањата на новите министри – Кренар Лога за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација и Каја Шукова за министер за животна средина.

На оваа седница треба да бидат разрешени и замениците-министри за одбрана, за земјоделство и за образование и наука, Башким Хасани, Абдулшуќур Абедини и Лулзим Алиу и да бидат избрани нивни заменици.

На стартот на седницата што почна на 13 февруари, беа констатираше оставките на министерот за правда Никола Тупанчевски и на министерот за животна средина Насер Нуредини, како и на замениците-министри за здравство Владимир Рендевски и за правда Агим Нухиу.

Седницата продолжува денеска во 10 часот, а покрај оваа седница е закажана и седница за пратенички прашања.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Заев: „Заменивме 20 табли на кои пишуваше бугарски фашистички окупатор – Бугарија не е фашизам, туку наш пријател“

Редакција

„Сите ќе ги амнестираат само Катица ќе лежи“: Твитер реакции за можното враќање на амнестиите на Иванов

Редакција

Централниот одбор на СДСМ го поддржа стартот на преговори со ЕУ согласно „францускиот предлог“

Редакција