Се избугарија работите во односите меѓу двете соседни држави, стои во реакцијата на Социјалистичката партија на Македонија (СПМ) за т.н. француски предлог.
“Предлогот од Франција (кој всушност е договор-предлог на кабинетите на Ковачевски и Петков), за кој сите зборуваат, го знаат и го прочитале само кај нас официјално го нема.
Не е примен во архивата на МНР за да се запознае и министерот Османи, иако тој точно знае за што се работи.
Предлогот на Франција, зад кој Ковачевски-Петков невешто се затскриваат, е целосно спротивен на интересите на државата Македонија. Бидејќи проблемот не се реши билатерално, тој, со овој предлог станува европски и со тоа ЕУ е сè подалеку за Македонија.
Веројатно ќе се преговара следните 30 – 40 години и ќе се прават обиди да се скрши позицијата на Македонија и Македонците и ќе зависи во сè од Бугарија.
Сè што е апсурдно и се бара од Бугарија во предлогот, акцискиот план и рамката за преговори, Македонија ќе мора да спроведува, иако е надвор од принципите и логиката низ која поминаа државите членки на ЕУ, па и самата Бугарија.
Се предлага реверзибилност на процесот (а доколку нешто не ги задоволува барателите се ќе почне да се преговара од почеток) што е апсурд кој е направен да не се случи членството во ЕУ.
Факт е дека нема шанси да се решат сите прашањеа кои не се согледливи, а особено историските. Тоа значи преговори и отстапки без крај.
Процесот на бугаризација на Македонија за што се залага наводно Франција, а всушност двоецот Ковачевски-Османи и Петков, не треба да се прифати по никоја цена.
Никој нема мандат за такво нешто.
Лагите од Бугарија како и барањата немаат крај и ќе се множат сè до исчезнување на Македонија и нејзино прогласување за втора бугарска држава.
Бугаризацијата на Македонија е неприфатливо па макар и да не се преговара за членство во ЕУ.
Суштината е да ја снема Македонија и со тоа да се заборави на Македонците во сопствената држава и во Бугарија и во Грција.
Бугарија делува во свои и во интереси на трети страни со цел да се изместат влијанијата врз Македонија и таа да се оддалечи од ЕУ.
Лагите на Ковачевски и Османи дека не се запознати со договорот и не треба да се реагира е предавство на националните интереси. Мора да се реагира и во Франција и во сите држави членки на ЕУ, да се лобира и да се бара кај сите да не се прифати тоа што се предлага.
Веруваме дека Македонија во државите пријатели ќе наиде на разбирање и поддршка во отфрлањето на овој неверојатно пакосно подмолен предлог.
Доколку се национално свесни и свесни за последиците кои ги нанесуваат со инфантилното молчење и неделувањето премиерот и министрите се историски виновници за штетното владеење. Затоа треба да си одат и да бидат заменети со искрени патриоти кои се борат за својата држава Македонија.
Преговорите нема да се завршат и затоа не треба да се отвараат по уцените и бугаризацијата на барањата
Преговорите се избугарија.
ЕУ сама по себе оди во непредвидлив правец и за тоа во заслепената власт треба да се свесни оти последиците се огромни.
Бугарија има проблеми со својот политичкиот идентитет и затоа сака да се прошири со влијанието врз Македонија и да ја бугаризира.
Не прифаќаат реалност од постоење на македонска нација, македонски народ и јазик. Тоа јасно го кажуваат и затоа нема помирливост и нема прифаќање на бугарските барања.
Македонизмот е самостоен и не може да се бара негово менување, претопување изгаснување само заради членство во една Унија па макар и „Европска“.
Историски е посилен и не треба да се гасне со одлуки на власта која е апатридна и анационална!
Македонскиот национален интерес е иманентен за Социјалистичката партија на Македонија!
Македонските социјалисти се свесни и цврсто национално определени во заштитата на државата Македонија.
Ние сметаме дека историјата и историското културно наследство на Македонија не се на продажба и не може во името на ЕУ да се пренесат на Бугарија.
Тоа е велепредавство и веднаш треба јавниот обвинител да преземе мерки против иницијаторите на таквите дејства.
Сокривањето информации од народот е катастрофално затоа што се кријат неприфатливи решенија за македонскиот идентитет, јазик, историја и се што е македонски интерес.
СПМ бара Македонија да не биде ставена во заложништво на Бугарија ниту во заложништво на ЕУ што со понудениот и договорен предлог е спротивно на националните и државните интереси“, стои во соопштението на СПМ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Цар Самоил станува „бугарски“: БГНЕС го објави целиот нацрт-текст на францускиот предлог
За лидерката на владејачката ДОМ, Морачанин, францускиот предлог не е добар
Фото: Влада