еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК ТОП СТОРИИ

Советот на Европа расправаше за пресудите за македонското малцинство во Бугарија, која се уште не ги извршува истите

Комитетот на министрите на Советот на Европа, го разгледува следењето на обврската на Бугарија да ги регистрира организациите кои се претставуваат како македонски или кои сакаат да го бранат и негуваат македонскиот етнички и културен идентитет, за што Бугарија е осудена повеќе пати од Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), но пресудите и понатаму не се извршени, иако првата пресуда е донесена во 2006 година, јави дописникот на МИА.

Станува збор за шесте пресуди: 59491/00 Обединета македонска организација Илинден и други, донесена на 19.01.2006, конечна на 19.04.2006, 34960/04 Обединета македонска организација Илинден и други Бр. 2, донесена на 18/10/2011, конечна на 08/03/2012, 29496/16 Обединета македонска организација Илинден и други (бр. 3), донесена на 11/01/2018, конечна на 11/04/2018, 70502/13 Јордан Иванов и други, донесена на 11.01.2018, конечна на 04/11/2018, сите овие квалификувани како „сложен проблем“ од Комитетот на министрите, 23702/15 Василев и општество на Македонците репресирани во Бугарија жртви на комунистичкиот терор, донесена на 28.05.2020, конечна на 28.05.2020, и 67197/13 Македонски клуб за етничка толеранција во Бугарија и Радонов, донесена на 28.05.2005, конечна на 28.05.2020.

Во своето образложение за расправата, секретаријатот на Комитетот на министрите наведува дека – Комитетот може да изрази длабока загриженост оти „ОМО Илинден“ не е во можност да има корист од процедурите за регистрација во согласност со Конвенцијата, од 2006 година до денес.

Комитетот може повторно да ги повика бугарските власти да осигурат дека секое ново барање за регистрација на „ОМО Илинден“ се разгледани во целосна согласност со членот 11 од Конвенцијата, во однос на формалните законски барања што треба да се применуваат на пропорционален, предвидлив и конзистентен начин, и исто така во врска со проценката на законитоста на целите на здружението и начините за нивно извршување.

Тоа, наведуваат, подразбира дека очигледно неутралните барања не треба да се користат за да се попречи регистрацијата на „УМО Илинден“.

Комитетот исто така може да ги повика властите да усвојат законодавни или други соодветни мерки насочени кон наметнување на Агенцијата за регистрација на здруженијата во Бугарија, поширока и поефективна обврска да дава упатства на здруженијата да ги исправат досиејата за регистрација, бидејќи се чини дека тоа е единствениот начин да се усогласат практиките на Агенцијата за строго применување на формалните правила со барањата од член 11 на Конвенцијата.

Тоа конечно може да ги охрабри да се осигурат дека Агенцијата ги идентификува сите недостатоци на досието за регистрација, како што бара бугарското законодавство, со цел да им помогне на здруженијата да создадат валидна евиденција.

Што се однесува до поновите случаи во оваа група, Комитетот може да забележи дека тие се во многу прелиминарна фаза на испитување.

Како што дознаваме од наши извори во Советот на Европа, сето ова било речено во расправата која се водела зад затворени врати, како што е практика во Стразбур. Во расправата ни беше речено дека учествувала и македонската делегација, која смета дека треба да се почитуваат одлуките на ЕСЧП.

До Комитетот на министрите е испратен опширен допис од бугарскиот Хелсиншки комитет на 12 страници во кој се претставува ситуацијата, односно дека се уште не е можно да се регистрираат овие здруженија.

Притоа се запознаваат претставниците на 47-те земји членки на Советот на Европа, дека „Македонците од Бугарија станаа заложници на зајакнувањето на односите меѓу Бугарија и Северна Македонија во евроинтегративните процеси на земјата“.

Како и за условите кои и се наметнуваат на Северна Македонија, а се потсетува и на негаторските изјави на некои бугарски политичари кон македонскиот народ и македонското малцинство во Бугарија.

Стојко Стојков, копретседателот на ОМО Илинден Пирин, со писмо го информира Комитетот на министрите, дека на 31 мај оваа година Апелацискиот суд во Софија ја потврди одлуката на Окружниот суд Благоевград, со која беше потврдена одлуката на Агенцијата за регистрација во 2020 година за да се одбие регистрацијата на „Здружението на репресирани Македонци во Бугарија жртви на комунистички терор“.

Бугарската влада има поднесено детален акциски план за спроведување на пресудите, но повеќе земји сега чекаат негово реализирање, односно спроведување на пресудите на ЕСЧП, што значи дозвола за регистрација на овие здруженија.

Околу главните препораки на Комитетот за подготовка на дополнителни методолошки упатства за службените лица во Регистарот за да ги покријат прашањата разгледани во оваа група случаи и да подготват детални, лесни за корисникот упатства за здруженијата за барањата на постапките за регистрација.

Бугарската влада, тврди пред Стразбур дека веќе подготви и достави на Агенцијата за регистрација документ (прирачник) кој содржи анализа на проблемите идентификувани во процесот на извршување и предлози за методолошки упатства и упатства за службениците за регистрација и покривање на проблемите во групата случаи на ОМО Илинден.

Прирачникот, според бугарската Влада, ќе и помогне на Агенцијата за регистрација да ги надополни своите упатства за службените лица во постапките за регистрација, како и да подготви детални и лесни за употреба од страна на здруженијата, за барањата на постапката за регистрација, со цел да им помогне при подготвувањето на документите за апликации за регистрација.

Бугарските власти се правдаат пред Стразбур, дека имаат некои потешкотии да ја завршат работата на методолошките упатства навремено, поради објективни причини и виша сила, поврзани со појавата на глобалната пандемија – Ковид – 19 и секојдневно менување на работното опкружување со сè построги мерки и ограничувања.

Овие исклучителни услови кои се среќаваат во распоредот на работа и ограничениот персонал во сите државни институции во услови на наметната вонредна состојба значително влијаат на работата за навремено спроведување на препораките на Комитетот на министрите до бугарската влада за усвојување од овие дополнителни мерки.

Во расправата во Стразбур, било изразено жалење што не е постигнат опиплив напредок во која било од областите идентификувани од Комитетот во своите одлуки од септември 2019 година. Напротив, било речено дека се случија негативни случувања како во однос на индивидуалните, така и на општите мерки. Во овие околности, се предлага Комитетот да ја усвои нацрт-привремената резолуција подготвена од Секретаријатот.

Што се однесува до индивидуалните мерки, само индивидуалните мерки што се однесуваат на „ОМО Илинден“ се предмет на привремено барање за резолуција, бидејќи прашањето за индивидуалните мерки, што мора да бидат донесени во новите случаи на Василев и Друштвото на Македонците потиснати во Бугарија жртвите на комунистичкиот терор и Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија и Радонов е во почетна фаза на разгледување од страна на Комитетот.

Нацрт-резолуцијата се очекуваше да биде донесена вчера, но нејзиниот текст ќе биде објавен за неколку дена, кога документот ќе стане јавен,а  на неа биле поднесени амандмани од страна на бугарските власти.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Рама: Доколку Бугарија продолжи да става вето, отворено ќе побараме одвојување од Македонија

Редакција

Струјата поскапува за 7,4 отсто, евтината тарифа останува

Редакција

(Видео) Зеленски пред германските пратеници со остри критики за западните лидери: „Сè за што бевте загрижени беше економијата“

Редакција