еМагазин
Image default
Македонија

Спасовски: Македонија е ослободена од борците на НОБ и за тоа не треба да се дебатира

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски смета дека фактите оти македонскиот народ ја остварил својата сувереност во АВНОЈ-ска Југославија, оти АСНОМ е потврда на македонскиот јазик и идентитет, дека нашата државност се заснова на антифашизмот, како и дека земјава била ослободена од македонските борци од НОБ се неспорни и тоа не може да биде доведено во прашање.

Сепак, вели, за да да продолжи Северна Македонија напред треба да се бараат решенија со Бугарија преку дијалог и заемно почитување на двете земји и народи.

-Многу е важно уште еднаш да се повторат некои факти што се неспорни, а тоа е прво дека македонскиот народ ја оствари својата сувереност во АВНОЈ-ска Југославија, дека АСМОМ е историска потврда на нашиот македонски јазик и на македонскиот идентитет и нашата  државност почива на делата на антифашизмот.

Тоа во ниту еден момент не било и не смее да биде доведено прашање. Затоа што она што го направија борците во НОБ против фашизмот е создавањето македонска држава во која што се потврдени македонскиот јазик и македонскио идентитет, рече на денешната прес-конференција министерот Спасовски одговарајќи на новинарско прашање за став во врска со интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС:

Интересот на Република Северна Македонија, интересот на Македонците, интересот на граѓаните што живеат во нашата земја, иднината, перспективата на оваа држава, на овој народ, потенцира Спасовски, мора да бидат во фокусот на нашето внимание.

-Впрочем тоа е заложбата и на премиерот и на Владата – да направиме се во иднина за да  продолжиме по тие патеки кои значат извесни перспкетиви, а секако дека тоа доаѓа со изнаоѓање решенија до кои се доаѓа само преку дијалог.

Така што, не може во ниту еден момент екстремистички изјави од било која страна да не придвижат напред и да доведат до решение. Тоа треба да се направи со трезвеност, со една силна и јасна визија за тоа што треба да првиме во иднина, кои се нашите преспективи и со меѓусебнот почитување на нашата историја, на нашата посебност, истакна Спасовски.

Тој нагласи дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет се нешто за кое никој не може и не смее да разговара, а не да преговара, заради тоа што, како што рече, тоа е право на самоопределување.

-Сметам дека таа желба што ја имаат и премиерот и членовите на Владата и огромен број граѓани е да не се дозволи тоа што се случувало пред седум или осум децении да биде пречка за нашата перспектива и за нашата иднина.

Значи никако да не заборавиме што се случувало во минатото, никој не може да ги побие било кои  од историските факти, меѓутоа мораме да одиме напред, историјата треба да ја оставиме на  историчарите, а иднината е во наши раце. Сите заедно треба да продолжиме кон подобра, посветла иднина и перспектива, рече министерот Спасовски.

Прашан дали градот од кој е тој – Куманово бил ослободен од Бугарите или од македонските борци тој истакна дека „е ослободен од македонските борци против фашизмот“.

-Моето Куманово е ослободено на 11 ноември од борците против фашизмот и Македонија е ослободена, исто така, од борците на НОБ против фашизмот. И тука се потврдени факти за ова, не треба сега да дебатираме заради тоа што јасен став и непобитен факт дека Македонија беше една од државите кои жестоко се спротивставија на фашизмот и се бореа против тој фашизам.

Исто така, се знае дека основата, темелот на македонската држава лежи во АВНОЈ-ска Југославија и во АСНОМ во која што се потврдени македонскиот јазик и македонскиот идентитет, рече Спасовски.

Но, додава, треба да се продолжи со барање решенија за отворање на преспективите за иднината на земјата.

-Се она што се прави од страна на претседателот на Владата и на Владата е да ги отвориме перспективите, да покажеме  јасен пат, да покажеме силна волја дека можеме да најдеме начини и да постигнеме договор за тоа како да продолжиме заедно напред, како што го направиме тоа со Грција да го направиме и со Бугарија, преку почитување на достоинството на двата народа, на двете држави, да не заборавиме тоа што ни се случувало, меѓутоа да си простиме во духот на пријателството и заеднички да продолжиме кон градење на мирот, стабилноста и напредокот на овој регион, потенцира министерот за внатрешни работи.

Тој не сакаше да го коментира ставот на поранешниот претседател на СДСМ и поранешен премиер и претседател на државата Бранко Црвенковски, само кусо одговори дека секој има право на свое мислење и став за секое прашање.

МИА/Фото: МВР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Ако нема уставни измени, на Македонија и се заканува изолација, порачаа од ЕУ

Редакција

По новинарите и полицајците се подготвуваат да се вакцинираат во Србија

Редакција

33-годишен пациент кој почина вчера од Ковид-19 бил со прекумерна телесна тежина и со тешка пневмонија

Редакција