Во чест на починатиот писател, режисер, сценарист, драматург и еден од најзначајните ликови во македонската култура, Горан Стефановски, Општина Центар заедно со семејството на Стефановски во неговото Дебар Маало наскоро ќе постават споменик.
Симболичниот споменик, е веќе излеан, се наоѓа во Лондон, Велика Британија и ќе биде поставен во паркчето кое се наоѓа спроти бараките на општината, веднаш до чинарот, кој минатата година на роденденот на Стефановски – 27-ми април, беше засаден во знак на сеќавање на доајенот на македонската литература.
Одбележувањето на роденденот на Горан Стефановски е дел од програмата за култура на Општина Центар и со исклучок на оваа година, кога целиот свет се соочува со пандемијата на коронавирусот, општината секоја година во Дебар Маало ќе го одбележува со пригоден настан.
Од неодамна функционира и Здружението на граѓани за зачувување и промоција на културното наследство на Горан Стефановски, чија цел е неговиот опус во секое време да биде достапен на граѓаните за подобро запознавање со неговите дела и промоција на сето она што значеше Горан за македонската културна сцена.
Роден во Битола, на 27-ми април 1952-ра година, Горан Стефановски беше еден од најпознатите и признати македонски академици, писатели, професори и драматурзи. Беше автор на многу текстови и драми, меѓу кои и “Јане Задрогаз“, “Диво месо“, “Лет во место“, “Хај-Фај“, “Дупло дно“, “Тетовирани души“, “Црна дупка“, “Демонот од Дебар Маало“ и на детската ТВ-серија, “Бушава азбука“.