Наместо фотографија од Македонија на платформата „Дома си е дома“ неколку дена стоеше фотографија од езеро во Германија, што предизвика лавина од негативни реакции на социјалните мрежи.
Од Министерството за економија информираа дека во текот на денешниот ден ја замениле фотографијата која е употребена на платформата „Дома си е дома“ (www.domasiedoma.gov.mk и www.pushimenevend.gov.mk ) преку која се реализира мерката за ваучери за туризам за граѓани со ниски приходи.
Новата фотографија е од домашна туристичка дестинација.
„Фотографијата која е употребена на платформата „Дома си е дома“ е преземена со сите авторски права, а во текот на денов ја заменивме со нова фотографија од домашна туристичка дестинација„, соопшти Министерството за економија.
Оттаму посочуваат дека низ целата промоција на мерката, преку оваа Платформа, акцентот бил ставен на промовирање на туристичките потенцијали на Македонија.
„Платформата ќе биде доградена со нови податоци за капацитети и места каде нашите граѓани ќе можат да ги користат ваучерите за поттикнување на домашниот туризам, кадешто дополнително сите граѓани кои ќе одлучат да летуваат во нашата земја ќе можат да ги видат убавините на државата“, потенцираат од Министерството за економија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Проверете дали сте на листата на граѓани кои добиле ваучери за туризам од 6.000 денари