Сега е моментот за деблокада на евроинтеграциите на Македонија, што во спротивно може да остане уште долг период отворено прашање, а тоа не е од полза на ниту една страна, ова на средбата во Влада го констатираа премиерот Димитар Ковачевски и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, кој денеска е во посета на Скопје, информираат од Владата.
Како што соопшти владината Прес-служба, Ковачевски и Вархеји, исто така, се согласиле дека европските интеграции на Македонија и на регионот се потреба на државите во регионални рамки, но и на самата Европска Унија.
Ковачевски нагласил дека тој останува посветен исклучиво на принципите на почитување на европските вредности и на разговори базирани на респект и достоинство, за што се согласиле со бугарскиот премиер Кирил Петков при воспоставувањето на дијалогот и очекува односи на оваа база.
– Нашата држава ги исполни своите обврски и продолжува да дејствува целосно на линија на политиките на Европската Унија, со што уште еднаш покажа дека е достоен партер на европските држави и заслужува конечно одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ, рекол Ковачевски.
Ковачевски и Вархеји разговарале и за актуелни прашања поврзани со предизвиците од војната во Украина и за европерспективите на регионот.
Вархеји оствари средба и со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во Секретаријатот за европски прашања, а ќе се сретне и со шефот на дипломатијата Бујар Османи, како и со претставници на политичките партии.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Вархеји разочаран што се уште се разговарало за почеток на преговори со Македонија
Фото: Влада