Сојузот на средношколци соопшти дека во изминатите неколку дена се повторува проблемот од минатата година – добива поплаки од средношколци од повеќе градови во земјава дека нивните средни училишта наплаќаат такси за издавање свидетелства.
Сојузот бил информиран за ова од средношколци, а информациите му биле потврдени и од мрежата на активисти во тие градови.
Сојузот посочува дека средното медицинско училиште во Тетово наплаќа меѓу 150-200 денари за свидетелство, додека економското училиште во Тетово бара износ од 150 денари за издавање на свидетелството и на дипломата за крај на средното образование.
Исто така, и скопската гимназија „Зеф Љуш Марку“ им наплаќа на своите ученици 100 денари за свидетелство, наведува Сојузот, а гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп 30 денари од ученик.
– Tоварот за печатењето не смеат да го сносат ниту учениците, ниту професорите во средните училишта. Ова е скандалозно и проблематично. Барањето пари од учениците го загрозува јавниот и бесплатниот карактер на државното образование.
Појавиве се спротивни на ставот 2, член 3 од Законот за средно образование, кој гласи: „Средното образование во јавните средни училишта е бесплатно“.
Во Законот никаде не се спомнуваат вакви такси. Главниот проблем е во тоа што земањето на свидетелствотото не е опционална одлука. Свидетелството е задолжителен документ и е доказ за успешно завршена учебна година.
Учениците се лишени од избор – тие мора да платат доколку сакаат да ја завршат учебната година, соопшти Сојузот на средношколци, кој најави дека за ова ќе го информира со извештај Државниот просветен инспекторат.
МОН: Училиштата не смеат да наплаќаат за свидетелствата, тоа е спротивно на Уставот и законите
Училиштата не смеат да наплаќаат такси за издавање на свидетелствата и тоа им го укажавме со допис уште пред крајот на учебната година, соопшти Министерството за образование и наука (МОН) како одговор на реакцијата од Сојузот на средношколци, дека некои училишта наплаќаат за свидетелствата и дипломите за завршено средно образование.
МОН посочува дека педагошката документација потребна за крајот на учебната година се обезбедува од Бирото за развој на образование при што секое училиште добива дополнителни 5 отсто во случај на грешки и слично.
– Потсетуваме дека согласно Уставот на Република Северна Македонија, како и член 3 од Законот за основно образование, и член 3 од Законот за средно образование, секое дете има право на бесплатно и квалитетно образование, истакнуваат од МОН и додаваат дека се работи за изолирани случаи во неколку училишта и дека за тие случаи ќе постапи Државниот просветен инспекторат.
Фото: МИА