Комисијата за заразни болести (КЗБ) на денеска одржаниот состанок одлучи да даде препорака за укинување на носењето маски за учениците во средните училишта и да се овозможи организирање екскурзии за учениците во основните и средните училишта, изјави портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ.
Посочи дека се уште важи препораката наставниот и техничкиот кадар да носат маски.
– За укинување на останатите мерки кои се се уште во сила ќе почекаме уште една недела. Епидемиолошката состојба има тренд на надолна линија, се намалува и бројот на новозаразени и хоспитализирани.
Се празнат болничките капацитети, има мала стагнација на репродукцискиот број, меѓутоа тоа не значи дека капацитетот на здравствениот систем не е релаксиран во моментот. Трендот е позитивен.
Одиме во насока на тоа да имаме позитивна добра епидемиолошка состојба. Се намалува трансмисијата на вирусот и како резултат на тоа наредната недела се уште ќе разгледуваме дел од актуелните мерки и ќе видиме кои од нив може да бидат укинати, потенцира д-р Мехмедовиќ.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека учениците или родителите кои сметаат дека нивните деца се уште треба да носат маски, може да ги носат, без оглед на тоа што се укинува таа задолжителна мерка.
Во врска со тоа дали следен чекор и препорака на Комисијата ќе биде укинување на носењето маски за студентите на факултетите, рече дека ќе видат каква ќе биде епидемиолошката состојба.
– Имаме позитивен тренд кој ни ветува многу дека можеме да размислуваме за тоа да се релаксираат мерките. Работиме согласно онаа алатка за оценување на епидемиолошки кризи. Се покажа како квалитетна.
Сега засега не гледаме дека имаме влошување на состојбата, се уште таа е стабилна. Ако продолжи начинот на кој се одвиваат работите и ако тие се одвиваат со овој тек, може да очекуваме дека и таа мерка многу брзо ќе биде на дневен ред, можеби на следната седница, рече д-р Мехмедовиќ.
На новинарско прашање дали се размислува за олабавување на мерката за влез во државата, тој рече дека постои листа на мерки кои се веќе актуелни, времени и донесени со закон и постојат препораки, алгоритми, протоколи како да се организираат настани.
– Таа листа се разгледува пред секој состанок и кога ќе постојат услови одредена мерка да биде укината Комисијата расправа по однос на таа мерка и се одлучува. За мерката за влезот во државата неколку пати е дискутирано во изминатите состаноци.
Претпоставувам дека на некој од наредните состаноци, може и на наредниот состанок таа ќе биде ставена на дневен ред, истакна д-р Мехмедовиќ.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со процесот на вакцинација, тој посочи дека треба се уште да се работи на тоа, да се стимулираат граѓаните да се вакцинираат.
Често пати, нагласи д-р Мехмедовиќ, ги изнесуваме тие пораки и преку медиумите, дека треба да се подигне процентот на вакцинација за да можеме оваа транзиција од едно вакво општество во кое живееме со многу рестриктивни мерки да преминеме кон малку послободно општество да се вратиме на онаа нормала од 2019 година.
– Не е само мерката со кампањата за караванот што треба да ги посетува градовите и да се зголеми процентот на вакцинација. Се уште се испраќаат СМС пораки до граѓаните тие кои се ризични групи и тие кои имаат поголема старосна граница над 65 години каде има многу коморбидитети да може да се стимулираат, да им се објасни кои се опасностите и кои се бенефитите кои ќе бидат добри по нив во однос на тоа ако се вакцинираат.
Ова е веќе еден процес во кој повеќе мерки се на сила, односно повеќе начини за стимулација на граѓаните да се вакцинираат и тој процес ќе продолжи. Секако дека се работи на нови идеи за тоа како да се стимулираат граѓаните да можат што поактивно да размислуваат за да се имунизираат не само со бустер доза, туку и со прва и со втора доза односно да имаме целосна вакцинација на населението, рече д-р Мехмедовиќ.
Во врска со тоа кога граѓаните можат да очекуваат целосно укинување на мерките, тој рече дека тоа што го работат како Комисија за заразни болести е малку поинаку од тоа што го работеле останатите земји.
– Значи имавме примери кои ги видовме во земјите како Германија, Австрија, Велика Британија каде мерките беа подигнати практично одеднаш. Одеднаш престанаа сите мерки и дојде до нагло влошување на епидемиолошката состојба.
Не би сакале да се доведеме во таква ситуација и ние да имаме влошување на епидемиолошката состојба. Сметаме дека ова укинување на мерките кое што е постепено ќе биде многу подобар начин да преминеме кон еден таков процес на прекинување на мерките отколку сите ги укинеме наеднаш, додаде д-р Мехмедовиќ.
МИА