Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ги повикува полицијата и Обвинителството да ги испитаат наводите на новинарката и заменик-уредничка на „А1он“, Мери Јордановска дека преку интернет ѝ се заканувал државен службеник вработен на Централниот регистар.
„Ако се потврдат наводите на Јордановска бараме промптно и соодветно да се санкционира службеникот и го повикуваме менаџментот на Централниот регистар да поведе дисциплинска мерка против својот вработен. Само на овој начин ќе се обесхрабрат сите оние коишто во иднина би помислиле повторно да се закануваат на новинари“, се наведува во соопштението од ССНМ.
Од ССНМ потсетуваат дека закани секогаш биле и се казниво дело и апелираат до МВР и до Обвинителството поревносно да ги откриваат и санкционираат ваквите случаи особено што нивниот број се зголемува во периодот на предизборието.
„Фактот дека Јордановска не е нападната само како новинар, туку и како жена (што може да се забележи од заканите што новинарката ги објави на Фејсбук) покажува дека во оваа држава треба да се вложат уште многу напори за еманципација“, велат од ССНМ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Централниот регистар ги осуди заканите на нивен вработен кон новинарката Мери Јордановска