Ги охрабруваме владите на Македонија и Бугарија да продолжат со нивниот билатерален дијалог за решавање на разликите, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик портпарол на Стејт департментот, на прашањето дали САД добиле некакви гаранции од бугарските партнери дека нема да има ново вето за македонските евроинтеграции откако би се усвоиле уставните измени.
– САД силно ја поддржуваат целосната интеграција на Северна Македонија во Европската Унија. Европска Унија што го вклучува целиот Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, ќе биде посилна и попросперитетна.
Ги охрабруваме владите на Северна Македонија и Бугарија да продолжат со нивниот билатерален дијалог за решавање на разликите, исполнување на претходните договори и поддршка на брзиот пристап на Северна Македонија, се вели во изјавата од Стејт департментот.
Специјалниот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, на дебата за регионот во Конгресот минатиот месец, рече дека САД се ангажирани со новата бугарска влада да се осигураат дека нема да има нови барања откако државата ќе ги исполни обврските од постоечките договори.
– За да ги продолжи своите аспирации за ЕУ, Владата на Северна Македонија се обврза да донесе уставни измени за признавање на бугарското малцинство. Силно го поддржуваме овој тежок, но неопходен чекор, рече Ескобар пред Конгресот неодамна.
Седницата за првата фаза на уставните измени, односно за гласањето за потребата од промени на Уставот, е закажана за 18 август.
Засега нема консензус меѓу власта и опозицијата за измените со кои и Бугарите би влегле во Уставот, услов за отворање на преговарачките поглавја.
Ескобар, во интервју за Гласот на Америка македонски во мај, рече дека со поддршка на уставните измени опозицијата го поддржува евроатлантскиот пат на Македонија, а не премиерот.
– Ние не бараме од опозицијата да го поддржи премиерот. Бараме од опозицијата да го поддржи евроатлантскиот пат на Северна Македонија. Ова е најдобриот договор што го добивме. Тој е разумен, мислам засега, и треба да продолжиме напред што е можно побрзо.
Затоа, се надевам дека сите страни на политичкиот спектар ги поддржуваат потребните промени за да можеме да продолжиме напред во унапредување на кандидатурата на Северна Македонија, истакна Ескобар.
Бугарскиот претседател Румен Радев, пак, неодамна изјави дека вклучувањето на Бугарите во Уставот е само „прелиминарен услов за почеток на преговорите за членство“, и оти не ги исцрпува условите што треба да ги исполни Македонија, пренесува Гласот на Америка.
МИА