Политичка стабилност, предвидлива деловна клима, инвестиции во инфраструктурата и дигитализацијата, реформи во јавната администрација за нејзина поголема транспарентност и ефикасност и не толку чести промени во законодавството, се дел од препораките што странските инвеститори во Македонија денеска ги упатија до македонската Влада.
Согласни се дека во изминатиот период донесени се храбри одлуки од страна на Владата и оти приближувањето кон ЕУ и НАТО е позитивен сигнал, но укажуваат дека е потребно сега да се забрзаат реформите.
– Реформите се неопходни за земјата. Не можете да ги воведете реформите од денес за утре, туку чекор по чекор. Треба постојано да работите и да се искачувате на планината, а за да стигнете до врвот ве чека голем пат – рече претседателот на Советот за странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, Штефан Петер на промоцијата на нивната Бела книга во која се содржани препораки до македонската Влада како да се подобри деловната клима во државата.
За премиерот Зоран Заев, политичката и регионалната стабилност се основниот предуслов за економскиот развој на една држава и носењето на храбри одлуки од страна на деловната заедница.
– Дел од она на што е фокусирана Македонија се реформите кои многу често се врзуваат со Европската унија и нашиот интеграциски процес, но во суштина уште поважна причина е дома – независноста на судството, владењето на правото, транспаретноста, предвидливоста, безбедноста…Важни се и реформите во образованието и тие се нашата следна преокупација на која мора да бидеме насочени. Но, политичката стабилност е основната база за било какви предвидувања и храбри одлуки за деловната заедница во Македонија – рече Заев, додавајќи дека како држава бележиме позитивни трендови во трговската размена со Германија и со Австрија, но и со Грција по потпишувањето на договорот од Преспа и градењето на позитивна атмосфера.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески смета дека Македонија како мала држава мора да е извозно ориентирана и да се насочи кон реиндустријализацијата бидејќи тоа се елементите кои можат да ја придвижат економијата напред.
– Треба да се инвестира и државата да им помогне на оние кои се оспособени најбрзо да испорачаат работни места и инвестициона активност, ако сакаме да добиеме сите. Ние мора да бидеме извозна земја и да се се вратиме на реиндустријализацијата, рече Азески, според кого потребна е и стратегија за долгорочен економски развој, јавно-приватно партнерство со Владата и јак коморски систем.
Сите се согласни дека е потребно да се направат и суштински реформи во делот на средното и високото образование и компаниите да вложуваат во обуки на вработените со цел да има квалификувана работна сила и младите да имаат практично искуство кога ќе се вработат.
МИА/Фото: Влада