еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Студентите најавуваат нов протест, бараат исполнување на сите барања

„Студентски отпор“ – организаторот на вчерашниот протест пред Собранието, не е задоволен од договореното на средбата во Собранието меѓу студенти – претставници на универзитетски собранија со пратеници и министерот за образование и наука и повика на нов протест в четврток.

-Јавно соопштуваме дека не сме задоволни од крајниот исход и од одлуките кои се донесоа.

Ние како студенти остануваме на нашите барања: издвојување средства од буџетот за зголемување на износот на субвенционираниот студентски оброк од 120 денари на 150 денари дневно, издвојување средства од буџетот за израмнување на сумата на стипендиите согласно измените од последното покачување на стипендиите, издвојување средства за реновирање и обезбедување нормални услови за престој во студентските домови, долгорочен план за формирање „студентски градови” и стоп за најавената приватизација на студентските домови и издвојување доволно средства за изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење струја, објави синоќа „Студентски отпор“ најавувајќи нов протест за 17 ноември.

По вечерашната средба во Собранието помеѓу претставниците на студентските собранија, пратеници и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, а на која присуствувал и премиерот Димитар Ковачевски, беше договорено субвенцијата за студентски оброк студентите да ја добиваат по старите услови, а до март работна група да најде системско решение за нов закон. Биле разгледани и други аспекти од студентскиот стандард, пред сè подобрување на условите во студентските домови.

„Студентски отпор“ во реакцијата наведува дека единственото барање кое е прифатено на средбата е повлекување на измените на Предлог-законот за студентски субвенциониран оброк и дека, поради тоа, нема да отстапат „сѐ додека итно не се реализираат и останатите барања“.

-Ве повикуваме во четврток, на Меѓународниот ден на студентите, на масовен студентски марш од 17 часот. Маршот ќе почне од Министерството за образование и наука и заедно ќе се упатиме кон Собранието на Македонија.

Ги повикуваме сите студентски организации, универзитетските и факултетските студентски собранија, професори, здруженија и невладини организации да се придружат во нашата борба, објави „Студентски отпор“. 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Студентскиот оброк ќе се исплаќа како и до сега, до март треба да се изнајде системско решение

Студентите протестираа пред Собрание за подобри услови за студирање

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Трагедија: Две деца загинаа по превртување на трактор кај Струмица

Редакција

Поранешниот градоначалник на Битола, Талески останува во затвор

Редакција

Почнува судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово

Редакција