еМагазин
Image default
Македонија

Судскиот совет ќе распише нов оглас за судии за пополнување испразнети места во судовите низ државава 

Судскиот совет денеска на седница донесе одлука да се распише нов оглас за судии во основни судови низ државава кој ќе биде наменет за кандидатите што завршиле Академијата за судии и јавни обвинители, бидејќи на претходниот оглас од март годинава во повеќе градови судиските места останале непополнети, а за некои воопшто немало интерес.

Огласот ќе биде подготвен да се објави во најбрз рок поради недостигот од судии и со него ќе се бараат кандидати од редот на младите академци за да ги пополнат испразнетите места во основните судови.

Според огласот, по три судиски места ќе се бараат за Струга, Кичево, Прилеп и Струмица, по двајца судии во судовите во Охрид и Делчево, и по еден во Крушево, Берово, Куманово и Битола.

На огласот ќе може да се пријават и кандидати за седум судиски места во Основниот кривичен суд и за осум во Основниот граѓански суд во Скопје.

Причина за нов оглас, што беше иницијатива на членот на Судскиот совет, Миљазим Мустафа, е тоа што на претходниот оглас, од 29 март 2023, се пријавиле само 11 кандидати за Битола, Струмица, Тетово и Свети Николе, а за основните судови во поголем број градови никој не конкурирал.

Според Мустафа, судиските места за овие општини се избрани затоа што, рече, со месеци знаат во кои судови има недостиг и каде е повеќе од потребно да се пополнат слободните места. Проблем со недостиг, рече, има и во Граѓанскиот, како и во Кривичниот суд каде има потреба од над 20 судии.

-Некои судови работат со еден до двајца судии, а во наредните години може да останат и без судии поради пензионирање. Овие млади судии ќе имаат можност да ги пополнат испразнетите места, посочи Мустафа.

Судскиот совет на седницата донесе одлука за утврдување ориентациски број на предмети што судиите треба да ги решаваат месечно. Изгласана беше одлука нормата за решавање предмети во 2023 да остане иста како и во 2022 за судиите во Врховен суд, Виш управен суд, четирите апелациски подрачја (Скопје, Битола, Штип и Гостивар), основните судови и судовите со проширена надлежност, но да се намали за четири предмети месечно нормата за Управниот суд освен за предметите по прекршоци од царина и од даноци кои ќе бидат во рамки на истата норма како и лани.

Судскиот совет денеска избра седум судии поротници за Основен кривичен суд Скопје кои ги исполниле условите од огласот на Судот: Христијан Талевски, Анета Ангеловска, Лилјана Ѓошевска, Ирена Тасевска, Ангела Андоновска, Ема Пауновска и Јани Курте.

Членовите на Советот констатираа и престанок на судиска дејност на Гордана Ѓорчева од Апелацискиот суд поради исполнет услов за старосна пензија, како и престанок на дејноста судија поротник на Суза Трајковска од Основниот суд во Кочани, бидејќи навршила 60 години, што е максимална возраст за поротник.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Судење за „Рекет“: Боки 13 и Камчев договарале операција за Јанева, ама не во Систина

Редакција

Застаре и делото на Бучковски за „Тенковски делови“

Редакција

Фетаи бара екстрадиција на Исмаиловиќ и Демир осомничени во „Монструм“

Редакција