еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ ЧИСТА ОКОЛИНА

Светот има две опции – пакт за климатска солидарност или пакт за колективно самоубиство, предупреди Гутереш

Светот има две опции – пакт за климатска солидарност или пакт за колективно самоубиство, предупреди денеска генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш од говорницата на климатскиот самит COP27 во Египет.

Во говорот од познатото летувалиште Шарм Ел Шеик, Гутереш рече дека светот опасно се приближува до точката од која нема враќање што ќе ги направи климатските промени неповратни и дека човештвото „се движи по автопатот кон климатскиот пекол силно со ногата на педалата за гас“.

Во својот говор полн со предупредувања, Португалецот истакна дека „добрата вест“ е што светот има знаење, финансии и технолошки средства за борба против климатските промени и дека можноста се уште не е пропуштена.

Она што е потребно во „клучната деценија“, во која битката со климатските промени ќе биде „добиена или изгубена“, е поголемо заедништво и меѓународна солидарност, посочи Гутереш.

Тој рече дека светот е соочен со многу кризи, но дека климатската криза не треба да се турка во втор план, особено што голем дел од актуелните конфликти се поврзани со „климатски хаос“.

– Војната во Украина го разоткри големиот ризик од нашата зависност од фосилните горива, нагласи тој. Поради тоа, Гутереш повика на „историски“ пакт меѓу развиените и економиите во развој во Шарм Ел Шеик, на кој присуствуваат повеќе од 120 шефови на држави или влади.

– Или ќе има пакт за климатска солидарност или пакт за колективно самоубиство, потенцираше беше генералниот секретар на ОН.

Предложениот пакт за климатската безбедност ќе се состои од дополнителни обврски на државите да ги намалат емисиите на стакленички гасови и да ја забрзаат енергетската транзиција на земјите во развој преку финансиска помош од побогатите нации и меѓународните финансиски институции.

Гутереш повикува на прекин на зависноста од фосилни горива и изградбите на електрани на јаглен во земјите на ОЕЦД до 2030 година, а во остатокот од светот до 2040 година.

Тој ги издвои двете најголеми светски економии, Кина и САД, како земји со „посебна одговорност“ да го остварат тој пакт.

Кинескиот претседател Си Џинпинг не доаѓа во Египет, додека американскиот претседател Џо Бајден ќе пристигне по утрешните конгресни избори, на кои републиканците кои се противат на меѓународната климатска акција би можеле да ја преземат контролата врз двата дома на Конгресот.

Светот се надева дека двајцата лидери ќе се сретнат на маргините на состанокот на Г-20 што ќе се одржи на Бали и оттаму ќе испратат позитивен сигнал за средбата во Египет која завршува неколку дена подоцна.

Гутереш истакна дека треба да се врати довербата меѓу земјите од северот и југот и дека земјите од Г20 треба да преземат водство во климатските активности.

Генералниот секретар, исто така, порача дека светот мора да ја разбере „суровата вистина“ дека последиците од климатските промени се веќе тука, па затоа побара прашањето за „загубите и штетите“, односно т.н. климатски репарации да не „се ставаат под тепих“, затоа што станува збор за „морален императив“.

Станува збор за посебен фонд, чија цел ќе биде да им помогне на земјите да се справат со последиците од климатските промени, а се однесува на „оние кои најмалку придонеле за климатските промени“.

Во својот говор, Гутереш, исто така, повика на создавање универзални системи за рано предупредување за климатски катастрофи во рок од пет години, како и за оданочување на дополнителниот профит на нафтените компании со цел овие пари да се пренасочат кон климатските активности.

Овогодинешната двонеделна конференција, која почна вчера во Египет, има за цел да ги зајакне и спроведе ветувањата дадени на минатогодишниот самит во Шкотска, со цел да се задржи глобалниот пораст на температурата под 1,5 степени Целзиусови (2,7 Фаренхајти) за да се спречат најразорните ефекти од затоплувањето на планетата.

Денеска и утре, пак, се одржува климатскиот Самит.

По една година разорни природни катастрофи, 27-та Конференција на страните (COP27) за климатски промени ќе се обиде да го исполни својот слоган – Заедно за имплементација – и да ги унапреди претходните обврски за ограничување на глобалното затоплување.

Конференцијата на страните (COP) е врховен форум за одлучување на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (UNFCCC), меѓународен договор за животна средина потпишан од 198 земји и кој стапи во сила во 1994 година за борба против „опасното човечко мешање во климатскиот систем“.

Конференцијата се одржува од 1995 година, собирајќи ги владите потписнички еднаш годишно за да разговараат и договорат како заеднички да се решат климатските промени и нивните ефекти.

Египет е домаќин на овогодинешниот самит во туристичкиот град Шарм Ел Шеик на Црвеното Море. Ова е прв COP во Африка откако COP22 се одржа во Мароко во 2016 година.

МИА/Фото: Унсплеш

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Инвеститорски ден на Берзата: Склучени 207 трансакции и остварен промет од 595 илјади евра во БЕСТ системот 

Редакција

Си Ен Ен: Документи покажуваат дека Кина направила значајни пропусти на почетокот на пандемијата на Ковид-19

Редакција

Писмо од наставничка која девет години поминувала по 236 километри до работно место и деновиве добила отказ

Редакција