Посакувам пристапниот процес за Македонија да се случи многу брзо и да нема нови пречки, но реформскиот процес на земјата мора да продолжи и можете да сметате на поддршката од Германија, порача денеска германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер на заедничката прес-конференција со шефот на државата Стево Пендаровски.
Во однос на тоа колку е реален планот на македонската Влада земјава да стане членка на ЕУ до 2030 година, Штајнмајер изјави дека тоа не може да го предвиди.
– Дали тоа ќе биде 2030 година, мора да разберете, никој во моментов тоа не може да го каже, ниту политичарите од С Македонија, ниту од Германија, ниту пак од ЕУ. Никој не може да вети, но треба да се стремите кон тоа и целта треба да биде стремежот да се постигне оваа цел и таа е присутна тука.
Реформскиот процес тука во земјата треба да се движи со брзината која што е потребно од аспект на пристапување во ЕУ, се надевам дека тоа ќе се случи што е можно побрзо, рече Штајнмајер.
На новинарско прашање како гледа на тоа дека „во пристапните преговори е вклучена и Историска комисија“, Штајнмајер вели дека веќе зборувал за посебни услови, односно како што рече, „посебни оптоварувања“ во пристапниот процес.
– Под тие оптоварувања сметам дека овој пристапен процес и во минатото беше поврзан со многу историски прашања и се бавеше со нив, при што кога зборуваме за пристап кон ЕУ, всушност зборуваме за прашања од сегашност и за заедничката иднина во Европа, така што би сакал само да советувам – акцентот да биде поставен во тој правец, не кон минатото и да не се бараат нови пречки, оцени Штајнмаер.
Шефот на германската држава исто така рече и дека за време на посетата на државава, нема само да се обрати во Парламентот, туку оти и ќе има средба и со пратеници од различни политички партии.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
МИА/Фото: Кабинет на претседателот