еМагазин
Image default
Интервју

Трајановски: Словенија предизвикува чувство на привилегираност и задоволство

Игор Трајановски е докторанд на Факултетот за општествени апликативни студии во Словенија и со „еМагазин“ го споделува искуството од докторските студии во оваа држава.

Вели дека државата граби напред на секој план, но при тоа економскиот напредок не е проследен со психолошки притисоци. Грижата за екологијата е државен приоритет кој носи резултат, а бенефитот од тоа го чуствуваат сите жители.

Вие сте на докторски студии во Словенија. Кои насоки ги опфаќа високо-образовната институција каде Вие сакате да докторирате?

– Факултетот организира додипломски, постдипломски и докторски студии од областа на социологијата. Како потенцијален студент на додипломски студии, кандидатите може да одберат меѓу студиите по социјален менаџмет и психосоцијална помош. Меѓукултурен менаџмент е опцијата која факултетот ја нуди во вид на магистерски студии. Секако, тука се и докторските студии од областа на социологијата.

Велите Факултет за социологија, но вашата докторска дисертација е од областа на политиката? Зошто ја одбравте токму оваа тема?

– За да одговорам на ова прашање мора малку да се навратам на почетокот на моите студии. Општеството беше мое поле на интерес кога се запишав на Филозофскиот факултет при УКИМ, на отсек Социологија. Тоа беше предизвикано од појавите и промените кои во тој период се случуваа во Република Македонија. Распадот на поранешната држава и новото општествено уредување кое се темели на нови демократски процеси беа мој предизвик за изучување.

Нашето општество беше обременето со сериозни економски предизвици а последиците со огромни размери. Градењето на подобро општество мораше да започне преку разбирање на правилата и начинот на функционирање. Како студиите, така и секојдневието, уште на самиот почеток ми „објаснија“ дека клучните одлуки се носат од страна на политичките елити. Од тогаш е и мојот интерес за политиката како научна дисциплина.

По завршување на студиите, сакав да го продлабочам стекнатото знаење со изучување на политичките закономерности во меѓународни рамки. За таа цел се запишав на постдипломски студии по меѓународна политика на Правниот факултет при УКИМ. Убеден сум дека додипломските студии (социологија) и постдипломските студии (меѓународна политика) се одлична основа за научен труд во кој ќе се обидам да ги објаснам процесите од раните деведесети години во мојата држава.

Имав среќа на докторските студии да го сретнам професорот Матевж Томшиќ, кој како мој ментор ме подржа во идејата и го прифати мојот предлог за истражување на темата „Улога на личноста во време на интензивни социолошки промени: случај на првиот Претседател на Република Македонија, Киро Глигоров”.

Сигурен сум дека докторскиот труд ќе понуди појасна слика за клучниот период на осамостојувањето на државата. Од претходното, јас ги истражувам политичките елити како социолошка категорија.

Како корона вирусот влијае на реализацијата на студиите?

– Корона вирусот е појава која, за краток временски период, „успеа“ да навлезе во секоја пора од општественото живеење и да причини штети од огромни размери. За жал, општествата уште долг период нема да можат да се вратат во период на нормално функционирање. Се разбира дека и образовниот процес трпи последици од големи размери.

Не сум поборник на теоријата дека напредните технологии успеваат да го надоместат физичкото присуство, но мора да признаеме дека без нив воопшто немаше да има образовен процес во овој период. Сакам да напоменам дека факултетот и пред корона кризата беше одлично опремен и екипиран со стручен кадар и електронската комуникација се одвиваше беспрекорно.

Освен физичката интеракција која е незаменлива во размена на искуства и стручните патувања предвидени за оваа година, останатите активности се одвиваа во зацртаните временски рокови без никакви потешкотии.

Со кои предизвици се соочувате во текот на студиите. Што може да очекуваат македонските
студенти кои сакаат да се запишат во Словенија?

-Огромен број соговорници веќе имаат солидни предзнаења за Словенија и без исклучок сите се со позитивни импресии од државата. Многумина имаат познавања од разни области на општественото живеење и речиси и да немаат забелешки на системот во целина.

Ме радува што голем број студенти од Македонија се запишани на додипломски студии во Словенија, што е уште една потврда дека се работи за квалитетен процес на едукација. Јас им честитам на изборот не само што ќе се здобијат со квалитетно образование респектирано во светски рамки, туку и што еден од поубавите периоди од животот ќе го поминат во релаксирана атмосфера.

Соработувате ли со колеги од други држави и за што најмногу ги интересира кога говорите за
Македонија?

– Секако и можам да кажам дека соработката започна од самиот старт на студиите. Најпрво таа се однесуваше на размена на искуства и одредени предзнаења на некои од колегите за начинот на изведување на докторските студии во Словенија. Соработката се продлабочуваше со размена на лични искуства за состојбите во матичните држави, при што неизбежни беа „политичките теми“. Речиси без исклучок солидно се запознаени со политичките случувања во Македонија.

Огромно е задоволството кога од колегите ќе слушнете позитивни коментари за нашите национални особености, од типот на пријатни луѓе, гостопримлив народ итн. Позитивно бев изненаден колку ги познаваат нашите природни богатства езера, планини и дека во повеќе наврати ги посетиле.

Нивниот интерес е дисперзиран во различни области, но генерален заклучок е дека Македонија им е вопријатни спомени и со задоволство ја прифатија поканата да не посетат. За жал, во овој момент поради состојбата со корона вирусот тоа не може да се реализира.

Како е организиран студискиот процес на Факултетот? Дали, особено во овие времиња на
коронавирус, факултетот нуди студии што би се реализирале на дистанца?

– Докторската студија за социологија, која трае 3 години, е организирана во форма на докторски колоквиуми, кои се одвиваат приближно 6-7 пати во една академска година. Сите колоквиуми се организираат за време на викендите.

Предавањата се организираат лично, но учеството не е задолжително. Сепак, препорачувам лично присуство на предавањата, за квалитетот на студиското искуство и за формирање лични и деловни врски со другите студенти.

Во процесот на студирање, студентите ја користат онлајн платформата ZOOM и имаме пристап до сите наставни материјали преку онлајн училница MOODLE, достапна за запишаните студенти.

Некои колеги од различни причини не се во можност да присуствуваат на сите предавања, но сепак се многу успешни во своите студии. Една од најголемите предности на факултетот е тоа што тие се исклучително флексибилни и што административниот и педагошкиот персонал се подготвени да понудат поддршка со студии преку разни онлајн платформи.

Кога Ве прашуваат пријателите и познаниците, што им раскажувате за Словенија како земја
во која се образувате?

Словенија е општество за кое ние од времето на претходната држава имаме солидни предзнаења, но и опшество кое се развива. Во секоја прилика ја споделувам мојата фасцинираност од напредокот кој е забележлив на секој чекор.

Државата граби напред на секој план, но при тоа економскиот напредок не е проследен со психолошки притисоци. Грижата за екологијата е државен приоритет кој носи резултат а бенефитот од тоа го чуствуваат сите жители. Едноставно, престојот во Словенија предизвикува чувство на привилегираност и задоволство.

ПРОМОТИВНА ОБЈАВА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Д-р Жарко Костиќ, мотивациски говорник и тренер за личен развој: Помагајте им на другите, за тоа постоиме!

Редакција

Вангеловски: Македонскиот осигурителен пазар има потенцијал за раст, но неопходна е едукација и зголемување на економската моќ на населението и компаниите

Редакција

Хан за МИА: Добив уверување од Мицкоски дека нема да има бојкот на изборите

Редакција