Трошоците на животот во 2022 година, во однос на 2021, забележале пораст од 14,2%, а цените на мало од 12,6%, соопшти денеска Државниот завод за статистика.
Во декември 2022, пак, во споредба со претходниот месец, трошоците на животот се намалиле за 0,2, а цените на мало се зголемиле за 0,7%.
Движењето на индексот на трошоците на животот во 2022 година, беше различно кај одделни групи на потрошувачката. Пораст на индексите е забележан во групите: Храна и безалкохолни пијалаци за 20,9%, Транспорт за 19,5%, Ресторани и хотели за 15,5%, Домување, вода, електрика, гас и други горива за 13,3%, Разновидни стоки и услуги за 8,9 %, Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 8,6%, Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 7,5%, Рекреација и култура за 4,9%, Здравје за 4%, Облека и обувки за 1,8%, Комуникации за 0,4% и Образование за 0,3%.
Движењето на индексот на цените на мало во 2022 година, исто така, беше различно кај одделни групи на производи. Пораст на индексите е забележан во сите групи: Индустриско-прехранбени производи за 20,1%, Земјоделски производи за 16%, Индустриско-непрехранбени производи и тутун за 14,2%, Пијалаци и Услуги за 8,3%.
Индексот на трошоците на животот во декември 2022 година, вo споредба со декември 2021 година, забележа пораст од 18,7%, а индексот на цените на мало забележа пораст од 15,1%.
Фото: Унсплеш