Kомитетот за светско наследство на УНЕСКО на својата 44 сесија, која се одржува во Фуџу, Народна Република Кина, денеска донесе одлука Природното и културното наследство на Охридскиот Регион да не биде впишано на Листата на светско наследство во опасност.
-Остануваме впишани на престижната листа на УНЕСКО. Но, ако целото крајбрежје, целото културно наследство, ако нашите Охрид, Струга и Дебарца не се впишани во нашите срца, бадијала е впишувањето или отпишувањето од која било листа, истакна денеска министерката за култура и претседателка на Националната комисија на УНЕСКО, Ирена Стефоска.
Според министерката, Комитетот со оваа одлука го препозна и уважи напредокот на Северна Македонија и Албанија во насока на зачувување и на исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион.
-Со оваа одлука, Северна Македонија и Албанија се обврзаа да донесат заеднички стратешки план за рехабилитација на Регионот и дополнително да го подигнат нивото на билатералната заштита и управување со светското наследство.
Двете земји добиваат повеќе време за да ги исполнат препораките кои произлегуваат од реактивните мониторинг мисии и одлуките на Комитетот, порача Стефоска.
Таа додаде дека оваа одлука е последен момент, последен аларм да се интензивираат активностите на сите засегнати страни со цел да се зачува статусот на Охридскиот Регион.
Покрај засилената конкретна соработка со Албанија, во периодот кој претстои, Стефоска посочи дека ја засилуваат соработката и координацијата со Центарот за светско наследство и советодавните тела на УНЕСКО, како и со Европската Унија и другите стратешки партнери со цел соодветна рехабилитација и управување со Охридско – Струшкиот Регион.
Драго ми е што Охридското Езеро и регионот ќе имаат можност да го задржат својот статус и ќе имаме време за да ја комплетираме заштитата на ова неверојатно природно и културно светско наследство, но ова значи дополнителна одговорност, истакна денеска министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини во своето обраќање на сесијата на Комитетот на УНЕСКО.
Затоа, како што посочи министерот, сега е време навистина да работиме заедно и да се осигураме дека во иднина нема да се најдеме во ваква ситуација.
Тој се заблагодари до Комитетот на УНЕСКО за препознавање на напорите, и одобрување на предложениот амандман, со кој се одобрува дополнителен период за завршување на започнатите работи и потполно исполнување на добиените препораки.
-Посебна благодарност до Босна и Херцеговина и Руската Федерација за поддршката во овие заложби, како и на делегациите на Кина, Саудиска Арабија, Унгарија и Шпанија. Исто така благодарност до колегите од Австралија и Норвешка за континуираните пријателски совети, рече Нуредини.
Миинстерот Нуредини ги повика сите чинители, приватниот сектор, локалната самоуправа, сите граѓански организации, да соработуваат и да го дадат својот придонес кон заштитата на езерото и целиот регион.
МИА