Охридскиот регион ги исполнува условите за запишување на Листата на светско наследство во опасност, се вели во заклучокот на извештајот на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО.
Во извештајот се забележува дека уривањето на дивоградбите во регионот се одвива многу бавно, додека за мораториумот на градба констатираат дека, бил така направен што оставал голем број исклучоци од забраната.
„Мораториумот на сите урбани трансформации и промени на брегот кој беше препорачан во 2017 година беше воспоставен во август 2019 година, по двегодишно одложување, од општините Охрид, Струга и Дебрца во Северна Македонија.
Но, одлуките на општините вклучуваат неколку исклучоци за бројни градежни активности, и со тоа се губи смислата на мерката,“ се вели во извештајот.
Од таму потенцираат дека: „евидентно е дека подрачјето е многу ранливо порaди значителни проблеми со менаџментот и лоша имплементација на законите.“
„Ова доведе до несоодветни интервенции, негативни ефекти на урбаното планирање и предлози за големи проекти, кои резултираа со сериозно нарушување на урбаниот, руралниот и природниот пејзаж, што пак предизвикува подрачјето да ги исполни условите за запишување на Листата на светско наследство во опасност“, стои меѓудругото во извештајот.