Нешто ново се подготвува да го освои етерот во Македонија, нешто што веќе го освои Лондон. Стилот и карактерот на Eye Cue им дозволува да владат со музиката и модата, и тоа благодарение на одличната соработка која ја имаат со Rumor. Тие се уникатни и незаменливи. Во поглед на нивниот нов сингл поразговаравме за тоа како една феноменална соработка роди толку уникатност.
Го освојувате Лондон. Какво е чувството да настапувате во метрополата на музиката?
Бојан: Прекрасно и помалку непредвидливо на почеток. Но откако веќе имавме неколку настапи сфативме дека музички припаѓаме овде. Сега кога имаме закажан настап на 22. март на денот на промоцијата на новата песна во Лондон, 5. април во Амстердам и потоа уште едно гостување во Лондон во април можеме да кажеме дека работите се случуваат со голема динамика во насоката која ја посакуваме. 22. март е денот Д за Ај Кју, бидејќи ја промовираме песната Dancin’ заедно со спотот и настапуваме во Royal Vauxhall Tavern, каде што ќе ја провомираме и песната во склоп на целовечерниот настап.
Видеото за песната е исто снимено во Лондон, во студио во Wembledon и многу сме возбудени да го споделиме овој проект на кој работеше македонско – англиски тим. Лондон е светскиот центар на музиката. Од овде излегуваат нови трендови, нови стилови, нови музички правци и луѓето овде имаат силно изграден став за музика и многу високи критериуми.
И тоа воопшто не е за чудење ако се земе фактот дека секојдневно се одржуваат концерти од домашни и светски музички имиња. Но, тоа за нас претставува огромен предизвик и мотивација да се искажеме во една ваква развиена средина и да научиме нешто од музичките гуруа кои нѐ опкружуваат.
Дали вашиот стил ве одделува од другите во Лондон?
Марија: Да, и во тоа многу ни помогнаа впечатливите и интересни парчиња на Румор. Во Лондон секој е во свој филм. Не се трудат да се претопат еден во друг. Луѓето имаат храбар пристап и гордо се носат баш така како што сакаат. И во една ваква слободна средина нас ни е уште полесно да дојдеме до израз и да се издвоиме од околината, бидејќи Румор е во тек со светските текови.
Како ја започнавте вашата соработка со Eye Cue? Има ли интересна приказна зад тоа?
Румор: Да, да. Во 2 по полноќ една многу драга важна личност во мојот живот ми прати видео од Lost and Found, знаејќи за мојот интерес за Евровизија.По 2 секунди му напишав e-mail на мојот ПР, мојата маркетинг агенција, дека сакам да ги облекувам. Гласот на Марија ме однесе некаде во самиот момент. Тоа беше доволно. Другото е веќе историја.
Со Румор креиравте изглед кој му овозможува на секој да е уникатен, посебно Вие. Како успеавте во тоа?
Бојан: Румор нѐ познава многу добро и ја знае нашата музика. Така да, таа заедничка фрекфенција некако природно се преточи и во уникатни несекојдневни парчиња облека.
Што е тоа што најмногу се истакнува кај Eye Cue, според Вас? Независно дали во стил на музика, мода, па и карактер.
Румор: Музика, музика, музика. Стил тотално нов, мислам во Lost and Found имаше сѐ внатре скоцкано до перфекција. Многу eclectic, ама одговара со стилот Rumor бутиците. Плус шо би рекле Охриѓани, имат пиле момичено! Да се изгради стилот потоа беше лесно, затоа што се отворени за соработка. Сега работевме на The New London Look за новиот Dancin’ и мислам дека направивме голем глобален чекор напред.
Која е разликата, според Вас, помеѓу модата во Скопје и во Лондон?
Марија: Во Скопје недостасува поголема слобода и лежерност во начинот на облекување кој произлегува од начинот на размислување. Во последно време во Скопје сѐ повеќе се внимава на стилот и се трудиме да го фатиме чекорот со светската мода. Додека пак во Лондон, како што споменавме и во претходното прашање: искулирани комбинации, кежуал и опуштени и “I don’t care” комбинации меѓутоа цврсто стојат за тоа и со својата самодоверба го прават сето тоа изгледа тотално кул.
Дали кога носите Румор по улиците на Лондон го привлекувате вниманието на другите?
Бојан: Да, се случило неколку пати и имаме навистина интересни приказни за тие ситуации. Дури случајни минувачи нѐ застануваа на улица или во метро и нѐ прашуваа од каде ни се парчињата облека што во моментот ги носиме. И се разбира добивме многу пофалби и убави коментари.
Како ги гледате Марија и Бојан? Дали фреквенцијата на вашето меѓусебно разбирање е толку висока што сте како една фамилија?
Румор: Превисока, ретко кој може да ја осети, само ние, хахахаха. Резултатот потоа кој ќе го разбере, ќе го разбере, ама се прифаќаме како креативен критицизам. И се разбира, Милена Танаскоска е нашиот стилист со кој сме во постојана соработка за проектите на Румор.