Во организација на Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања, како и на Компанијата „ВИА“, вечерва (17 декември, понеделник), во 19 часот, во НЛБ Галерија во Скопје, свечено ќе биде отворена изложбата на уметнички дела на Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања“ 2018.
„Мозаик од бои“ е темата која што произлезе од колонијата и која што ќе може да се погледне во поставката на оваа изложба.
Инспирација за творење во Вевчани и оформување на своите врвни уметнички дела ја најдоа уметниците: Ацо Станкоски, Ефтим Ристов, Никола Пијанманов, Ставре Димитров Стадим, Ниче Василев, Станко Георѓиески, Доне Милјаноски, Живко Попоски Цветин, Дамјан Затуроски, Цветанка Јованова и Петар Попчев од Република Македонија, како и уметниците Драгана Кнежевиќ (Србија), Светислав Савковиќ (Србија), Хо Ми Ан (Франција), Герард Гален (Франција), Златка Пентова (Бугарија), Анже Скалжунски (Полска), Јелена Савиќ (Србија), Бојан Савиќ (Србија), Јенс Линдвквист (Шведска), Осијан Теселиус (Шведска), Маркус Јохансон (Шведска), Петар Белишки (Бугарија) и Јуре Самец (Словенија).
Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ девет години по ред на крајот на јуни се одржува во ресторанот „Виа Игнација“, во Вевчани,. На оваа реномирана културно-уметничка манфестација имаат земено учество над 300 еминентни ликовни уметници од Република Македонија и од странство. Делата на оваа колонија досега беа изложувани во светски уметнички центри како во Подгорица- Црна Гора, Софија- Бугарија, Њујорк- САД, Москва- Русија и Париз- Франција.
Изложбата ќе биде отворена до 07.01.2019 година, секој работен ден од 08.00 до 20.00 часот.