Основниот суд во Велес денеска донесе ослободителна пресуда за 23-годишната Павлинка Илоска, која лани на 29 септември при семејно насилство го уби невенчаниот сопруг Александар Ристовски.
На Илоска и е укината и мерката „куќен притвор“.
Судот ја изнесе пресудата и добиените докази од вештите лица, со што се докажува дека Илоска го извршила убиството во момент на самоодбрана кога бил загрозен нејзиниот живот.
Судијката Габриела Гајдова образложи дека Илоска е ослободена од обвинението земајќи го предвид фактот дека таа делувала во нужна одбрана и земајќи ги одредбите од член 9 став 1 од Кривичниот законик, кој предвидува дека не е кривично дело она што е направено во нужна одбрана.
Незадоволната странка има право на жалба во рок од осум дена од денот од приемот на пресудата.
-Имајќи го предвид фактот дека е донесена ослободителна пресуда од страна на судот, согласно член 173 став 1 точка 5 од Законот за кривична постапка којшто предвидува дека во тој случај ќе се укине мерката притвор, судот одлучи мерката притвор да биде укината.
Против тоа решение е дозволена жалба, но секако жалбата не го задржува извршувањето на решението, појасни Гајдова
Адвокатот на Илиоска, Димитар Петрулев оцени дека имале правично и фер судење врз основа на сите изнесени докази со што судот ја утврдил фактичката состојба и донел одлука за поништување на се.
– Со сите изнесени докази произлезе дека член 9 од Кривичниот закон не е само паушално наведен, туку напротив дојде до примена на истиот, изјави Петрулев.
На вчерашното рочиште, Илиоска изјави дека жали за стореното дело и дека го сакала својот партнер.
– Тоа беше борба за живот, ако не беше тој, јас ќе бев мртва. Кога почна да ме дави, немав сила да се спротивставам. Се вративме од гости околу полноќ, тој пиеше, а јас утрината не бев на работа и сакав да спијам.
Побара од мене да направам есап колку пари сме потрошиле, а јас од желба за сон, сум заспала. Тој во таква состојба се нафрли врз мене. Бев како фудбалска топка, ме шутираше со нозе, ме фати за врат, му реков немој Александар ќе ме удавиш, се уплашив. Почнав да губам свест, гледав само некоја светлина, немав воздух.
Во таа борба за живот, кога стигнавме до кујната, фатив некој предмет, не знаев што е, само сакав да го удрам и да ме ослободи. Почувствував дека наеднаш губи сила и ме ослободи. Видов дека има нож во градите, рече Илиоска за случувањата на 29 септември лани кога при семејно насилство го уби невенчаниот 40-годишен сопруг, Ристовски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Обвинение за 23-годишната велешанка која го уби партнерот по семејно насилство
МИА/Фото: Телма