еМагазин
Image default
Македонија

Верските лидери треба да обезбедат редарски служби за Велигден и Рамазан Барјам

Верските лидери за Велигден и Рамазан Барјам ќе треба да обезбедат редари, задолжени за организирање на чествувањето кое би требало да се одржува надвор, односно пред црквите и џамиите, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тоа било договорено на последната средба од која, како што потсети, произлезе и обврската да апелираат до граѓаните максимално да ги почитуваат превентивните мерки за заштита од Ковид-19.

„На состанокот со верските лидери, тие земаа обврска да обезбедат редарска служба за спроведување на протоколите и секој настан да го организираат надвор, пред црквите и џамиите.

Епидемиолошката ситуацијата тоа во моментот го дозволува.

Кривата е веќе парабола и ја имитира онаа од ноември-декември, паѓаат бројките на новодијагностицирани, тоа се чувствува и во болниците каде притисокот се намалува и нема многу приеми и префрлања од една во друга здравствена институција како што беше случај во почетокот на април“, истакна Филипче

Според него, не е проблем излегувањето на граѓаните надвор особено сега кога времето е веќе топло и тоа го дозволува, но мерките мора да се почитуваат.

„Граѓаните мора да знаат дека имаат индивидуална одговорност и дека мора да ги почитуваат мерките“, истакна Филипче.

Ситуацијата со Ковид-19 будно се следи, повтори министерот, и не се очекува зголемување на бројките.

Инаку, Филипче соопшти дека кинеските вакцини најверојатно ќе пристигнат во петок, зашто веќе се стигнати на аеродромот во Истанбул.

Во однос на вакцините, за помош од Србија дополнително не е разговарано. Се очекува инситутот „Торлак“ да информира кога ќе ги добијат последните сертификати од контролните лаборатории во Русија.

„Тоа што ние очекуваме да стигне во следниот период се кинеските вакцини и тоа во петок најверојатно рано наутро од Белград. Веќе се стигнати на аеродромот во Истанбул.

Потоа, меѓу 5.000 и 7.000 вакцини на „Фајзер“ секој следен понеделник во мај, близу 26.000 и очекуваме информација од Ковакс-системот“, рече Филипче.

Околу 150.000 граѓани се во моментов пријавени за вакцинирање, а со секоја најава за нова пратка вакцини, има и дополнителни пријави од граѓани.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Летонија го одобри зачленувањето на земјава во НАТО

Редакција

Раст од 1,1% на бројот на лица кои по вторпат се заразиле со Ковид-19

Редакција

Втор ден од изборите: Гласаат болните, немоќните и затворениците, најмногу пријавени од Кичево и Прилеп

Редакција