еМагазин
Image default
Балкан

(ВИДЕО) Антифашистички ученички протест во Атина: „Грција, Турција, Македонија – непријателот е во банките и во министерствата“

Народите ништо не ги разделува, а на фашизмот местото не му е во училиштата, е пораката што во разговор со дописничката на МИА од Атина ја испратија учениците и студентите кои денеска излегоа на протест во грчката престолнина.

Со мали инциденти, без голема масовност и со антинационалистички слогани, заврши собирот организиран од учениците и студентите, како одговор на опсадите во училиштата во Северна Грција и протестот во Солун против Договорот од Преспа.

Група од околу 20 маскирани момчиња, нанесоа мала материјална штета на филијала на банка, оштетија автобуска постројка и со камења и мермер ја нападнаа полицијата, која одговори со неколку шок бомби. Тензијата при крајот на протестот, траеше кусо, по што учениците и студентите си заминаа.

-Грција, Турција, Македонија – непријателот е во банките и во министерствата, беше еден од слоганите што го извикуваа учениците додека маршираа кон грчкиот Парламент.

Дописничката на МИА од Атина разговараше со дел од учениците и студентите кои денеска, место на часови и предавања, одбраа да излезат на протест и да го кренат својот глас против, како што велат, фашизмот во училиштата, па дури и по цена да добијат неоправдани изостаноци, со оглед на тоа дека денеска наставата се одвива нормално.

-Овој протест е против опсадите од различни националистички кругови во училиштата, наводно поради македонското прашање кое во суштина е непостоечко, бидејќи го измислија националистите, вели студентот Зисис, а неговите пријателки објаснуваат дека тие се ученички и дошле на протестот за да испратат порака дека “не треба да постојат фашистички идеи во училиштата”

Студентот Андонис вели дека не е воопшто случаен обидот на фашистички сили координирано да интервенираат во училиштата и коментира дека младите треба масовно да излезат и да го кренат нивниот глас против фашизмот.

-Да извикаат силно и гласно дека ништо не ги разделува со соседните народи и дека сите заедно, на еден фронт да се обединат и да се борат против војните, против империјализмот, против национализмот и фашизмот, потенцира грчкиот студент.

Пинелопи е студентка и заедно со нејзините колеги од факултет, донеле одлука да ги поддржат учениците.

-Ние сме заедно со учениците кои се борат против омразата, против фашизмот и национализмот, бидејќи народите ништо не ги разделува. Ние ќе го кренеме гласот, ако треба и секој ден ќе бидеме на улици против националисите и фашистите кои шират омраза и кон учениците и кон народите, вели Пинелопи.

-Ако ги прашате учениците од Северна Грција, зошто се решија на опсади во училиштата, нема да знаат да одговорат и токму ова го користат фашистите и националистичките групи, вели ученикот Маркос и вели дека неговите врсници мора да говорат отворено и да се информираат што е Златна зора.

Учениците и студентите велат дека фашистичкиот и националистичкиот елемент, во Атина не е толку изразен во училиштата и на факултетите, како што е случај во Солун и Северна Грција.

-Сите ние сме за тоа дека фашисти не смее да има во училиштата, но сепак во последно време се појавуваат одредени фашистички знаци и слогани на ѕидовите во училиштата, но сето тоа го прават навечер бидејќи така функционираат овие групи, скришно, затоа што се плашат да се појават преку ден, бидејќи знаат дека за нив нема место во нашите училишта, објаснува за МИА студентката Пинелопи.

МИА/Видео: newsit.gr/фото: athensvoice.gr/ITIME

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(ВИДЕО) Мали инциденти и четири приведени лица на ученичкиот протест во Солун против Договорот од Преспа

(ВИДЕО) И грчките ученици ќе се „борат“ против Договорот од Преспа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Туристите се враќаат во Албанија

Редакција

(Видео) Џамбаски не престанува со провокациите: Заев заборава дека Македонија е бугарска, се потсетува кога бара нешто

Редакција

Група вооружени лица со оклопно возило упаднаа во манастирот во Бањска во Косово, има пукотници

Редакција