Денес, во 19:00 часот на првиот канал на Македонската Радио Телевизија започнува со емитување новата сезона од детската играна ТВ серија – 5+ Фамилија.
Во новата сезона, дечињата повторно ќе другаруваат со нивните омилени ликови: Петко, Лина, Комшо, Комшито, Ана и Марија, кои се наоѓаат пред нови ситуации. Во новите 20 епизоди што следуваат, тие се соочуваат со новите “деца” и “дојденци“ во зградата и во училиштето: јутјуберот Лука , Синокосата Лиз и Силеџијата и Алек, но сепак наоѓаат нови начини сите заедно да другаруваат и да креираат.
Првата епизода од новата сезона, што ќе биде емитувана денес во 19:00 часот, носи наслов “Игрица“ и ги претставува предизвиците и проблемите кои со себе ги носи дигиталното време, односно виртуелниот свет на интернетот и социјалните мрежи.
Актерската и авторската екипа зад 5+ Фамилија и е добро позната на јавноста. Улогите ги толкуваар: Билјана Драгиќевиќ Пројкоска, Сања Арсовска, Ивана Павлаковиќ, Игор Ангелов, Зоран Љутков, Сара Климоска, Чедомир Митевски, Марија Кондовска, Марјан Наумов, Дамјан Цветановски, Матеа Јанковска и Изабела Јакимова.
Режираат Дина Дума, Марко Ѓоковиќ, Марија Апчевска и Сандра Ѓорѓиева, Тони Величковски е директор на фотографија. Сценаристи се Билјана Црвенковска, Билјана Крајчевска, Сандра Ѓорѓиева и Александар Ристоски. Костимограф е Андреј Ѓеоргиевски, шминка Ирена Сенокозлиоска, сценографија ја реализира Снежана Поњавиќ – Муча, а музички продуцент е Мите Димовски. Главен монтажер е Сашко Потер Мицевски и дизајн на звук – Марко Наумовски.
Ова е петта сезона од хит ТВ серијата за деца, а содржината од епизодите ја дополнуваат и првиот детски мјузикл “Песноден“ што во моментов е не редовниот репертоар во кино салите, како и новогодишните концерти во живо што следуваат традиционално, претпразнично во декември.
5+ Фамилија ќе се емитува секој понеделник и вторник од 19:00 часот на МРТВ1, а епизодите ќе можете да ги следите и на YouTube каналот веднаш по телевизиското емитување.