Спроведните подводни анализи на состојбата со цврст отпад на реките Черава, Грашница, Далјан и Сатеска покажуваат алармантно загадување. Кај четирите притоки од сливот на Охридското Езеро констатирано е присуство на големи количини отпад во форма на градежен шут, пластични шишиња, метални канти, автомобилски гуми, разна облека…
Нуркачи од Нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид преку проектот „Подводна еко патрола“ поддржан од Општина Охрид, спроведоа активности за детектирање на вливовите на реките што најмногу го загадуваат Охридското Езеро со цврст отпад.
Фактичката состојба ја евидентираа и докуметираа, со подводно фотографирање и снимање, а изработена е и мапа со загадени зони, т.н. црни точки.
Посочено е дека со оглед што цврстиот отпад доаѓа во најразлични форми и габарит потребно е сеопфатно решение за проблемот. Понудени се и неколку конкретни, применливи практични решенија за подобрување на состојбата.
Како наједноставен и најсеопфатен метод за собирање на отпадот од сливовите е поставување мрежна структура за зафаќање на отпадот што би се протегала на ширината на вливовите, а со неа би се манипулирало или од брегот или од пловен објект.
Опција е и таканаречниот „кит за чистење реки“ – иновативно решение засновано врз принципот на колекторска мрежа, чија цел е да го акумулира отпадот кој лебди или е полупотопен и функционира како природна брана.
Инаку, притоките од сливот на Охридското Езеро во многу спроведени анализи и истражувања се посочени како најголеми загадувачи на еко-системот со цврст отпад.
МИА/Фото/Видео: Нуркачки центар „Амфора“