еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

(ВИДЕО) Мукаетов: Секоја компанија треба да проба до каде и колку може да се носи со предизвиците на интернационалната конкуренција

Во интервју за емисијата „Стадион“ на Радио Канал 77, генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов зборува за инцијативата „Отворен Балкан“, за предизвиците за водење на бизнис во земјава и надвор, членството во Европската Унија…

Ви пренесуваме дел од интервјуто, а целото можете да го слушнете во видеото:

Вие сте една од ретките компании која има аквизиции надвор од Македонија, во регионот, во Европа и пошироко. Што им недостига на македонските бизнисмени? Еве, кој е вашиот совет? Повеќе храброст, обука, образование или, пак, станува збор за нешто друго?

-Па мислам дека е многу важно прво да веруваат во себе, во својот менаџерски тим и во она што го носи компанијата што ја водат. Јас не би сакал тука да им делам памет на други, но повторно доаѓаме до хендикепот на мал домашен пазар и доколку не се одлучиме да направиме чекори надвор од нашиот пазар, па дури и надвор од регионот, тогаш сме ограничени на одредени маргини до кои можеме да дојдеме.

Ако веќе инвестираме во своите луѓе, да бидат поедуцирани и да имаат добри вештини, инвестираме во технологија и во еколошки зелени стандарди, тогаш сме во можност нашата конкурентност да ја провериме на пазарите каде што е навистина жестока борбата и доколку ние сме конкурентни и таму, тогаш сигурно е дека и во регионот може многу полесно да функционираме.

Јас мислам дека мора да се проба за да види секоја компанија до каде и е колку може да се носи со предизвиците на интернационалната конкуренција. Но, нормално, тоа треба да оди чекор по чекор, значи прво дома, потоа во регионот, па на крај пошироко.

Очигледно, образованието има проблеми. Тие што се добар кадар заминуваат. Што да се направи за да се промени структурата? ­­­Курикулумите образовни на факултетите? Меѓутоа треба да се почне сигурно и од основното и од средното образование. Гледам сега во најновите напори на Стопанската комора фокусот е токму на образованието. Тоа што порано се викаше стручно образование сега е дуално образование.

-Мислам дека нам ни требаат нови генерации со нови вештини кои ќе може да ги пратат новите технолошки текови. Прво, образовниот систем, дефинитивно, мора да се приспособи на потребите на реалниот сектор, затоа што е многу голем предизвик кога ќе дојде некој со одредено образование.

Ви треба многу долго време за да може еден поединец да влезе во системот и да придонесува за тој систем. Врзано со тоа, ние на разни фронтови пробуваме да направиме нешто.

Па така, еве, заедно со Средното медицинско училиште го формиравме првиот клас за дуално образование. Заедно со неколку факултети имаме Програма за практиканство, каде што стотина студенти од трета и од четврта година доаѓаат на пракса во „Алкалоид“, работат со ментори, а потоа, кога ќе го завршат факултетот, продолжуваат со работа во нашата компанија.

Ако мене ме прашате за Македонија во моментот, апсолутно, најголем предизвик се човечките ресурси и наш основен императив е градењето компанија на задоволни, посветени и на мотивирани луѓе.

Имате ли и вие проблем, како голема компанија, со корупција, администрација, бирократија или сте преголеми за некој да се осмели да ви направи такво нешто?

-Па, немаме проблеми од тој тип, но факт е дека администрацијата треба многу поревносно, многу побргу и многу поефикасно да ги завршува своите обврски. Затоа што, знаете како е, секое губење време во лавиринтите на бирократијата за приватните компании значи и губење средства.

Се мерат постојано анкети за доверба, за имиџ на институции и на одредени професии, а тука постојано на удар се судиите и судството, а политичарите немаат речиси никаков имиџ. Што би рекле вие за имиџот на бизнисмените? Уште има некој лош ореол, уште од таа транзиција, или пополека се менуваат работите?

-Па јас мислам дека компаниите се борат да го најдат својот излез под сонцето и апсолутно не им е лесно. Апсолутно секому му е многу специфична позицијата. Значи, имаме многу предизвици, имавме еден долг период на транзиција, сѐ уште немаме доволно голема интеграција на нашата економија со европската и со светската и во секој случај мислам дека не е едноставно.

Но јас, според она што го гледам, мислам дека, сепак, во нашата бизнис-заедница има потенцијал. Мислам дека се покажавме како доста жилави, како отпорни на многу предизвици и убеден сум дека македонската бизнис-заедница може да се приспособи и на новите текови кои доаѓаат.

Ова ве прашав затоа што многу често, и вие ќе слушнете, се шири некој впечаток дека главни кочничари во тој процес, на тој пат кон Европската Унија, поради страв од конкуренција. се токму македонските бизнисмени, односно, олигарсите.

-Па за мене тоа е смешна констатација. Посебно би сакал да кажам дека, еве, на пример, компанија како нашата, која над 65 отсто од своите пласмани ги реализира на странските пазари. Присутни сме во над 40 земји од светот. Се носиме со конкуренцијата во Соединетите Американски Држави, во Велика Британија, во Германија, во Португалијa, во Шпанија, во Русија, во Украина, во Саудиска Арабија и навистина не гледам логика дека би имале нешто против, од еден таков аспект.

Дури сметам дека секоја конкуренција е добредојдена. Дај боже што побргу да ги почнеме преговорите со Европската Унија и да го фатиме тој приклучок на сите основи.

Вашето име постојано се споменува блиску до политиката – за премиер, за ова, за она. Кој е вашиот одговор?

-Мојот одговор е многу едноставен. Јас својата среќа ја гледам заедно со своето семејство, заедно со компанијата, заедно со своите активности за општествена одговорност на полето на спортот, на културата, на здравството, на фармацијата. Мене и натаму основен фокус ми е преку своите активности на овие полиња да придонесам Македонија да биде подобро место за живеење, затоа што морам да кажам дека не сум среќен кога гледам дека во моментот, можеби, на луѓето во мојата компанија им оди добро, но гледам дека на еден куп други луѓе во оваа држава не им е ситуацијата толку розова.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Бовин, првата приватна винарија во Македонија прослави 20 години

Редакција

“Балканики аноними етериа петрелеу“ повторно купи акции на ОКТА

Редакција

(ВИДЕО) Во Грција на Санторини поставени првите лежалки заштитени со плексиглас

Редакција