Во Косово вчера стапи на сила одлуката на косовската Влада за замена на регистарските таблички на возилата на косовските граѓани регистрирани во Србија со оние кои се пропишани со законите на Република Косово, што повторно ја вжешти ситуацијата во регионов.
Од Европската унија изјавија дека Косово има право да бара промена на српските со косовски регистарски таблички за сопствениците на возилата во Косово, но порачаа дека тоа треба да биде резултат од преговорите за нормализација на односите меѓу Приштина и Белград.
Разочарување од одлуката на Косово изрази и официјален Вашингтон, чиј посредник во преговорите меѓу Косово и Србија, Габриел Ескобар побара одлагање на спроведувањето на промената на табличките за една година.
Одбивањето на Косово да ја одложи одлуката за промена на табличките може да донесе до ескалација на состојбата во северниот дел на Косово, населен со мнозинско српско население.
Во меѓувреме српските медиуми неофицијално јавија и дека Србија испраќа војска на границата со Косово.
BREAKING:
Serbia has put its armed forces on high alert and is sending army units toward the border with Kosovo.
— Visegrád 24 (@visegrad24) November 1, 2022
Во исто време српските медиуми јавија и за непознати беспилотни летала кои ги набљудувале касарните и позициите на војската на Србија, а претседателот и врховен командант на вооружените сили Александар Вучиќ издал наредба за итно дејствување со противвоздушно оружје.
За да се спречат понатамошни непријателски активности, српските „миг 29“ биле подигнати во акцијата на набљудување и евентуален напад на непријателските авиони.
Фото: Војска на Србија