Владата на седница темелно и сеопфатно ги разгледа предложените мерки и препораки на Комисијата за заразни болести за интензивирање на Ковид-19 вакцинацијата и за зголемување на бројот на вакцинирани граѓани во Македонија, информираат од Владата.
– Тргнувајќи од неприкосновениот факт дека масовната вакцинација е најефикасен одговор за заштита од последиците и за спречување на ширењето на пандемијата со Ковид-19, Владата заклучи да побара од Комисијата за заразни болести дополнителни анализи и компаративни студии за предложените мерки, но и предлози за дополнителни мерки за поттик на масовната вакцинација, нагласуваат од Владата.
Во очекување на дополнителните анализи, Владата ги задолжи ресорните министерства и инспекциски служби да ги вложат сите капацитети и да ги зајакнат примената и контролата на спроведувањето на сите активни мерки за заштита од Ковид-19, а особено на системот на проверка на сертификатите за вакцинација, ПЦР тестовите и потврдите за прележана инфекција со Ковид-19 низ ригорозна проверка на идентитетот на лицата кои ги прикажуваат овие документи за пристап во објектите каде што е тоа задолжително.
– Во насока на поттик за масовна вакцинација, Владата ги задолжи сите министерства, јавните претпријатија, акционерските друштва и агенциите во државна сопственост, да спроведат скрининг за да се утврди процентот на вакцинирани во државната и јавната администрација, како и да ги утврдат можностите за стимулација за поголем до целосен опфат со вакцинацијата, како и правната основа за рестрикции на правото на дежурства, прекувремена работа, службени патувања и други опции за дополнителни приходи за вработените во јавната администрација, се вели во соопштението на Владата.
Владата ќе ги разгледа и употреби сите реални можности за економски стимулации, но и за рестрикции по однос на финансиски бонуси и друг тип на надохнади кои се надвор од основиците, со цел да ги мотивира и упати граѓаните кон единствената и најефективна мерка за заштита на здравјето и за спас на сопствениот живот од опасната пандемска болест Ковид-19, велат од таму.
Фото: МЗ