Плата за февруари во државата не зеле 12.556 работници, а за март 31.975 вработени лица, информира на денешната средба со новинарите директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска.
-За месец февруари 2023 година, обврска имале 69.059 работодавачи, за 554.237 вработени лица. Од нив, 61.520 ја платиле пресметката, а не ја платиле 2.403 за 4.991 вработено лице, а 5.136 работодавачи за 7.565 вработени воопшто немаат поднесено пресметка за плата за февруари.
За месец март обврска да поднесат пресметки за плата имале 69.156 работодавачи за 555.161 вработени лица. Од нив, пресметката ја платите 56.073 работодавачи за 523.186 вработени. Поднеле пресметка, но не ја платите 7.367 работодавачи за 20.363 вработени, додека 5.716 работодавачи за 11.612 вработени се уште не поднеле пресметка за минатиот месец, рече Лукаревска.
Според податоците на УЈП, речиси ист е процентот на исплатени плати од компаниите кои поднеле пресметка за плата во февруари годинава (67 проценти) со оној од февруари лани (66 проценти). Во март, тој процент е нешто поголем (71 процент) во однос на март лани (68 проценти).
Согласно законскиот рок пресметка за плата се доставува до 10-ти во тековниот месец за претходниот, а рокот за исплата е до 15-ти во месецот. За фирмите кои не се придржуваат до роковите, следи опомена, па блокада на сметката.
Од УЈП од почетокот на годината заклучно со 25 април извршиле 1.522 контроли согласно Законот за контрола на готовински плаќања, при што кај 702 субјекти се утврдени неправилности. Станува збор најчесто за неиздавање фискални сметки.
Во координирана акција со Државниот пазарен инспекторат и МВР, направени се контроли кај 33 даночни обврзници што вршат производство на накит во Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Битола од кои двајца биле затворени, а кај 18 се констатирани неправилности со неиздавање сметки, некои, пак, воопшто не го регистрирале прометот.
Инспекторите на УЈП направиле и контроли на Пластичарска улица при што во првата акција биле опфатени 30 субјекти, а кај 28 од нив се констатирани неправилности, пред се со неиздавање фискални сметки. Во март од 37 контролирани објекти неправилности се утврдени кај 25.
Контроли по основ на фискални сметки биле спроведени и во јавни здрвствени установи при тоа во Скопје биле опфатени сите поликлиники при што кај четири биле утврдени неправилности со неиздавање фискални.
Контроли се спроведени и кај 19 клиники во склоп на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, од кои неправилности се откриени кај четири, главно поради неиздавање на фискални сметки и една за неводење евиденција.
Контроли биле спроведени и кај јавни здравствени установи во Кичево и Тетово, каде исто биле утврдени неправилности. Во Гостивар со контроли биле опфатени повеќе приватни здравствени установи. Од 16 субјекти кај два се најдени неправилности.
Исплатата на „Мој ДДВ“, како што денеска информираа од УЈП, ќе почне веднаш после празникот, за што се обезбедени околу 10 милиони евра за првото тримесечје.
МИА/Фото: МИА