Министерството за здравство соопшти дека од денеска во системот „МојТермин“ е во функција новиот алгоритам за оздравување на пациенти со Ковид-19.
Новиот алгоритам се однесува на пациентите на домашно лекување, но не ги опфаќа хоспитализираните пациенти. За прв ден на заболување се зема денот на првиот потврден позитивен тест.
За разлика од досегашниот алгоритам, каде со истек од 14 дена беше потребно да се добијат два негативни последователни тестови во период од 24 до 48 часа, согласно светските истражувања, сега еден пациент, доколку е асимптоматски во период од 10 дена, ќе се смета за оздравен на 11-тиот ден.
Доколку еден пациент имал симптоми во текот на болеста, тој ќе се смета за оздравен по истекот на минимум 20 дена, односно 21 ден само во случај ако последните три последователни дена немал симптоми на болеста, информираат од Министерството.
Процесот на оздравување, како што се потенцира, сега е во целост поврзан со дневните извештаи кои ги пополнуваат матичните лекари за своите позитивни пациенти и регистарот за позитивни Ковид пациенти.
Во Националниот систем за електронски евиденции во здравството – МојТермин се проверува дали за секој нареден ден има пополнет дневен извештај од матичен лекар или негова замена.
Доколку во 10 последнователни дена има дневни извештаи и истите се одговорени со не/нема: истоштеност, болки во зглобови и/или мијалгија, кашлица, искашлок, отежнато дишење, дијареа, а температурата на пациентот е помала од 37,5 тогаш добива статус – Предлог за оздравен, посочуваат од Министерството.
Доколку во 10 последнователни дена има барем еден извештај каде на било кое прашање од погореспоменатите е одговорено со да/има, пациентот добива статус – Предлог за оздравен со истекот на минумум 20 дена (односно 21 ден) само во случај ако последните три дена се асимптоматски.
Доколку по истекот на 20 дена пациентот нема три последователни асимптоматски дена, предлогот за оздравен ќе биде после три последователни асимптоматски дена. Се додека пациентот не добие статус „Предлог оздравен“ истиот има статус „Болест во тек“.
Пристап до статусот на пациентите во МојТермин ќе имаат епидемиолозите во центрите за јавно здравје.
Секој Центар за јавно здравје (ЦЈЗ) ги гледа само пациентите на кои матичниот лекар на пациентот се наоѓа на подрачје кое го покрива конкретното ЦЈЗ, а за пациентите кои немаат избрано матичен лекар (домашни или странски) пристап до статусот имаат сите центри за јавно здравје.
За пациентите кои немаат избрано матичен лекар пополнувањето на дневните извештаи за состојба на пациентот го прави епидемиолошка служба од надлежниот центар за јавно здравје кој ја направил епидемиолошката анкета.
Минатата недела Комисијата за заразни болести го усвои новиот протокол за ослободување на пациентите од изолација.
Откако кон крајот на мај, Светската здравствена организација и Европскиот центар за контрола и превенција на болести дадоа нови насоки/препораки за ослободување на пациентите од изолација, МАНУ анализираше повеќе од 10.000 тестирања и утврди дека кај пациенти кај кои е дијагностициран SARSCoV-2 вирусот, независно од резултатот на последователното контролно тестирање, не е присутен виабилен – репликативно компетентен, односно вирус, што може да е доволно силен за да предизвика зараза, стои во соопштението од Министерството за здравство.
Фото: МЗ