Во регионот на дејствување на Подрачната единица на Центарот за јавно здравје од Гевгелија, по релативно мирниот период изминатиот месец, повторно се забележува зголемување на бројот на новозаболени пациенти од Ковид-19, потврди епидемиологот Сашо Олумчев.
Според него, една од причините за тоа е попуштањето на дисциплината околу примената на протоколите и мерките за заштита од граѓаните за време на верските празници, имендените и појавата на мутираниот британски сој на вирусот во земјава.
– Можам да кажам дека последниве денови веќе имаме и појава на семејни кластери, а сигурен сум дека бројот на новоинфицирани во наредниот период ќе ни се зголемува затоа што мутираниот вирус е повирулентен и побрзо се пренесува, а симтоматологијата е иста како и кај „обичниот“ коронавирус, истакна д-р Олумчев.
Моментно во гевгелиската Ковид болница се лекуваат шест пациенти, а поголем број пациенти има во дневната болница и на домашно лекување. Д-р Олумчев рече дека преку скрининг откриле два случаи на пациенти кои повторно се заразиле и се без симптоми.
МИА